Aберкромби енд Фич

Голотија и склекови за непослушност

Девојчињата, бомбони. Беспрекорно исчешлани, невулгарно облечени, убави како што само едно дваесетгодишно девојче "вода и сапун" може да биде. Дечките полуголи и насмеани, парфемот и темнината ме опиваат, музиката не ми дозволува ниту да зборувам, а богами ниту да мислам. Одам на прв спрат. Па на втор, заборавам што да прашам, заборавам и зашто сум тука.

"Тинејџерите го обожаваат, оние кои студираат (моден) маркетинг неизбежно го учат како "Случај Аберкромби", а како се третирани вработените си е приказна сама за себе. Да почнеме од почетокот. Не знам уште зошто, ама, верувале или не, Италијанците лудуваат по американска, француска, па и австралијанска мода, а кога пред некоја година се отвори првата продавница Аберкромби енд Фич во Милано, редицата беше слична на оние што ги гледате пред Епл кога излегува нов ајфон. Лоциран како луксузен бренд за секој ден, A&F има тотал лук понуда која е главно наменета за млади луѓе. 

"Случајот Аберкромби" се учи заради иновативноста на начинот на продажба и заради воведувањето на тнр "Шопинг за сите сетила". Шопингот не е веќе: одиш во продавница-бираш-пробуваш-плаќаш, туку многу повеќе. Станува повеќекратна стимулација на сите сетила: на слухот, на видот, на носот и на допирот преку луксузните материјали употребени во производство на колекциите. Така шопингот станува: гледам, слушам, мирисам, допирам и во мојот случај бегам надвор.

Познат е и по дискриминирачката политика за вработување: не е битна боја, раса, или националност, битно е да си исклучително згоден/на. За тоа што се случува со вработените постојат многу урбани легенди и многу вистини. Кога некој од нив нема да биде доволно љубезен со муштериите или направи било каква тековна грешка при служењето, казните се склекови за дечките и сквотови за девојките. Оваа војничка дисциплина е позната за Аберкромби, така што кој се кандидира за работно место не може да каже: "А бе јас не знаев". Дечките треба да бидат строго без бакембарди и свежо избричени. Постојат и строги стандарди за тоа колку шминка можат да употребат девојките, а ако костата не е средена како што треба, крајот се знае - сквотови.

Корсо Маттеотти, Милано, еден ден од септември. Одам да го видам во живо "случајот Аберкромби".

На самиот влез стои чоколаден дечко со раскопчана кошула и апостолки кој љубезно им стои на располагање на сите муштерии- за сликање. Парфем кој се чувствува уште од надвор ве удира во глава, го изминувате чоколадниот, чекор, два, три и денот останува зад вас, обидите да си размените збор два-исто така, и ете ве внатре, со јака денс музика, слатки девојки кои кога не служат муштерии играат на шипка и диско светла кои прават да не разбирате каде и кого газите.  Не, не ми е лошо.

Ме фаќа некоја чудна еуфорија, ми изгледа како да сум се вратилаво прва средно, на џуниор забава во МНТ. Тоа за "сите сетила" функционира. Девојчињата, бомбони. Беспрекорно ишчешлани, невулгарно облечени, убави како што само едно дваесетгодишно девојче "вода и сапун" може да биде. Дечките полуголи и насмеани, парфемот и темнината ме опиваат, музиката не ми дозволува ниту да зборувам, а богами ниту да мислам. Одам на прв спрат. Па на втор, заборавам што да прашам, заборавам и зашто сум тука. Да ми понудат едно виски, ќе прифатам со задоволство. Сетилата веќе ми се заробени, ама не се давам.

Гледам блузони и додека размислувам дали ми фали некој сив, или бел или можда подобро е црн, концентрацијата ми паѓа на нула и сама си го давам одговорот: "И шо ќе ми е блузон?" Ми се свиѓаше идејата да имам блузон каков што носел Хемингвеј, ама ништо. Можда некој друг пат, кога веќе ќе знам што ме чека.

Бегам надолу, пазам да не се лизнам по прозирните осветлени скали, една девојка за крај ми се смешка на излезот, сè е во ред.

Надвор сум.

И немам поим колку време поминало.

Гледам нагоре. Уште е ден.

Прекрасен септемвриски ден, а миланското небо ми изгледа најубавото што било кога сум го видела. Изгледа не сум јас за Аберкромби.

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

26 септември 2012 - 15:17