Искушение

Нема ништо полесно од тоа да се искурваш со искушенијата. А деновите не се сите исти, проклети, па си се курваме, па им паѓаме понекогаш и кога се нелегални и кога се морално дискутабилни за после кукавички си се правдаме: " Е па добро де, луѓе сме".

Се спремам, веќе со грижа на совест ветувајќи си дека нема да претерам како минатата година. Си викам, одам само на пробување. Во дефанзива, како да сум тргнала во ринг а не на чоколадна изложба, црно фустанче, црно-бела капа, ајпод, во многу пријатно друштво на сама себе, правец Пјаца Маџоре.

После нецели десет минути почнувам да се тресам и се мислам како да се заштедам, како да му избегам на искушението. И почнува мојот пинг понг од мисли. Знам прецизно што е право а што е криво, знам дека не треба да претерам и да го прекорачам прагот на дозволеното. Тогаш, се сеќавам на сите пати кога сум го посакувала, а него го немало.

После мислам дека толку многу чоколадо на исто место ќе видам дури следната година и оваа мисла ми дава малку шпринт. Еднаш де, ко ниеднаш. После си мислам дека е зима, па едно две-три кила плус никој нема да ги примети. Си мислам дека малку чоколадо ќе ми ја разубави вечерта, ќе ми ги разведри мислите, благо ќе ме гали. Си мислам на сите пати кога сум му рекла не. На сите пати кога во продавница намерно сум го прескокнала рафтот. На сите некупени нутели. На сите фрлени чоколади кои остареле од моите мали дозирани залаци. Си мислам на сите мои несоници кога сум се првртувала во кревет и кога малку фалело да станам и да му се нафрлам на сред ноќ. После мислам на сите пати кога интимно сме се дружеле, сами јас и тоа. На сите вечери кога ме тешело, ме задоволувало, ми ја враќало насмевката на лицето. На сите линд топчиња, на бачо перуџина, на сите мали ритер спорт, афтер ејт, на сите ледени коцки, на сите фијат, на сите крем банани. И на грижата на совест следното утро. И на сите километри претрчани и препотени во парк.

Правам равенка од сите мои нечоколади и ги множам со сите денови во кои сум му рекла НЕ и сето тоа го делам со сите денови во кои сум сакала, а сум се воздржала. Како во сите примитивни ситуации во кои треба да се одлучите помеѓу прекрасното инстинктивно и досадното правилно, ми се поматува мозокот и сфаќам дека или треба да завртам штикла и да се вратам од кај што сум дошла или да останам и, со среќа. Каење после ебење е многу глупо чувство.

Одам од тезга до тезга и почнувам алчно да купувам, демек пакетчиња за другарките, за мајка ми, за сестра ми, за дома. Две бонбони со лешник, три со рум, две кори од портокал прекриени со темно чоколадо, неколку бели топчиња. Пикам во ташна, ги притискам да не избегаат и продолжувам.

Топло чоколадо со шлаг. Бадеми и лешници прекриени со крцкава чоколада. Јагоди и банани прекриени со топло темно чоколадо. Oдам надолу.

Чоколадо со луто пиперче. Темно чоколадо со луто пиперче. Млечно чоколадо со кокос. Чоколадо со цреши, со бадеми, со суво грозје, со кекс, со ореви. Мус од лешник. Со пињоли. Со смокви, со лимон.

Чоколадо во форма на лажичка, на дете, на мече, на срце, на катанец, на зајак, на крава, на мока. Чоколади во форма на штрафцигер, клуч, чекан. Бомбици со рум, со ликер од цреши, со коњак. Блокови од чоколадо полни со лешници. Бели тартуфи, тартуфи со кокос, млечни тартуфи.

За мој мерак, барам нешто екстравагантно кое ќе му даде вселенска логика на прекршувањето на правилата. Го наоѓам човекот: бирам чоколатчиња со рузмарин и путер, неколку со црна сол и карамел, неколку со лимон и жалфија. Полнам цела кеса со чоколатца. Ја отворам, зјапам. И сега?

Нема ништо полесно од тоа да се искурваш со искушенијата, знам. А деновите не се сите исти, проклети, па си се курваме, па им паѓаме понекогаш и кога се нелегални и кога се морално дискутабилни за после кукавички си се правдаме: " Е па добро де, луѓе сме".

Ех, чоколадо, чоколадо... Ти не си за среќа ни нелегално ни морално дискутабилно и затоа вечерва немам никаква намера да се расправам. Немам намера да се шуњам како мачор наоколу за да видам дали ќе издржам. Немам намера да ти го сонувам вкусот, да копнеам од петни жили, накострешено да фантазирам како ми се топиш во уста и да мислам на сите причини заради кои не треба. Денес те јадам.

И ич не ми е гајле. Ни за целулитот, ни за акните, ни за килажата. Ја отворам кесата и се смешкам. Почнувам да јадам.

И јадам, јадам, јадам.

Ќе се набутам со чоколатчиња додека не прецвикам од шеќер и од радост.

Емили, ЧокоБолоња

emabela@yahoo.com

18 ноември 2012 - 21:51