Чија си?

Одох ја. Ми го нема минатото. Од "на татко ми" ќе станам "на маж ми". Максимално шовинистички, тотално средновековно. Ќе станеш некој нов, ќе имаш нова кожа, ќе го грешиш потписот на почеток. Ќе го смениш профилот на фејсбук, пасошот, возачката, здравствената книшка и тоа тебе и твојот нов сопруг ќе ве соедини во све живо и диво. Можда и за кредит земање е полесно. Ќе станете едно цело, непорекливо по закон, недискутабилно семејство. Ќе се соедините во добро и лошо, во радост и тага, во богатство, немаштија и во презиме.

Никогаш не сум си се замислувала млада невеста. Не сум замислувала како може да изгледа мојата свадба, каков би бил мојот фустан, ниту пак некогаш сум можела да се замислам во бел превез и долги плави коси, со фустан што се влече. Не сум ги замислувала моите свадбени цвеќиња, ниту сум сакала да ме земаат од дома. Ни во моите најнежни детски соништа, мене невеста ме немало.

Таа од моето огледало: отсекогаш сакала голема свадба, традиционална до коска, со цркви, потписи и сите аксесоари. Со сите адети, со сите "ова не се носи на сваба, ова не чини да се прави, ова не се дарува, ова се прави само ако..." Неписмена сум по ова прашање за да ви ги набројам ама мислам дека се разбираме.

А неизбежно во сите овие наши дебати низ овие години, главната расправија доаѓала на мојата за нејзе многу авангардна изјава: "Добро што мајка бараш да го земаш неговото презиме? По мажена се осеќаш така?

И од време на време е убаво кога детските соништа стануваат јаве. Си има некоја исконска кохерентност во моите чекори и си има во нејзините. Од утре јас и таа ќе имаме различно презиме. И сега, да оставиме приватни перипетии на страна, да се разјасниме зошто некој кој до денес си бил некој, треба да стане некој друг кога остануваат уште два избори во кои не си баш некој тотално друг.

Прв случај.

Секој со своето Јас моето, ти твоето. Во најкатоличката земја во Европа е вака, а и во голем дел од европските исто. Бирократијата е прекомплицирана за да си додаваме уште процеси во кои треба да смениш низа документи. Секој со своето. Единствен знак дека "си поминал во другo цивилно стање " е прстенот. ФЕДЕ. И најубавиот дел врзан за овој збор е што има уште поубав синоним. Збор кој од секогаш, без разлика на моите религиозни побуди, ми будел многу радост. Верба. Феде. Верба во срце, верба на лева рака.

Втор случај. Дај ми малку од твоето. Фер инаф. Си останувам јас со малку од твоето. Твоја сум ама не до толку. Сакам да си бидам тоа што сум се родила, ама сакам сите да знаат дека си ме обележал. Заедно сме како два воза. Паралелни и силни. На моето го додавам твоето, а по потреба може да си го кажувам и само твоето.

Трет случај. Не еј.

Одох ја. Ми го нема минатото. Од 'на татко' ми ќе станам 'на маж ми'. Максимално шовинистички, тотално средновековно. Ќе станеш некој нов, ќе имаш нова кожа, ќе го грешиш потписот на почеток. Ќе го смениш профилот на фејсбук, пасошот, возачката, здравствената книшка и тоа тебе и твојот нов сопруг ќе ве соедини во све живо и диво. Можда и за кредит земање е полесно. Ќе станете едно цело, непорекливо по закон, недискутабилно семејство. Ќе се соедините во добро и лошо, во радост и тага, во богатство, немаштија и во презиме.

И пак јас: "Добро, зошто не си го задржиш презимето?" Така требало. Така бидувало. А можда и едвај чекаш да станеш негова. Можда веруваш дека заедничкото презиме е тоа што ќе те заштити од сите немири, од несреќи, од неверства, од пропаст. Можда не си ни размислувала зашто да го смениш презимето. Го менуваш по дефолт. Зашто чукун баба ти, прабаба ти, баба ти, мајка ти, сите со ред станале нечии. И сега ти е тебе редот. Можда имаш поедноставни очи од моите (и си посреќна, не викам не) и работите ги земаш такви какви што се. Зш така требит и толку.

 Ама кој како сака и како му е убаво. Секој со својата верба.

На крајот на денот ништо не менува. Како ќе се омажиш, чие презиме ќе земеш, дали ќе се потпишеш или ќе ветиш пред Бога, тоа нема ич да те заштити од непогоди. Од страв, од несреќни денови, од болни колебања, од тумачење и од думи. Од страв за тоа што ќе дојде, од страв дека нема да биде како што си замислувал и пред се од недоверба во твојата способност да се адаптираш и да се преродиш, во случај да не биде како што си замислувал. Зашто најтешко е тоа што не си го земал во предвид.

Да си го земеш презимето ако сакаш. Подзастанувам со пишување зашто се мислам што да ѝ посакам. Се осеќам како да треба да ја дувнам свеќата. Како кога си мал и многу им се радуваш на родендените. Треба да ја дувнеш свеќата зашто инаку желбата нема да се исполни а исто треба да замислиш и убава желба зашто до следниот роденден, немаш втора шанса. Стоиш и се чувствуваш сосема малечок и ништожен во споредба со големината на желбата и со стравот дека ќе го утнеш гасењето (па демек нема да ти се исполни желбата).

Ен, два, три.

Не можев да ти пишам мало писменце, ниту да ти поклонам честитка со мечиња на која пишува: "Среќен Брак". Последна сум на светов со која можеш да збориш за свадби. Немам многу традиционални видици и сигурно немам рецепт за среќен брак, да ти го пикнам онака мајсторски во јакна како ливче за препишување во средно.

Ти посакувам да си среќна со твојот избор секој ден.

Да не му дубиш да си ги средува маиците и чорапите.

Да не му трубиш ако дојде дома пијан и ако останал до касно а ти си се занимавала со пелени и со бебешки инциденти.

Да му ги засакаш и маните зашто, за некое време ќе треба само со нив да правиш сметки, па не се обидувај да ги смениш зашто тоа е сосема погрешен почеток.

Да му бидеш пријател и да го слушаш. Да бидеш единствена жена со која ќе сака да разговара и кај која ќе најде совршено разбирање зашто зборовите имаат хипнотизирачка моќ. Посилни се од големо невреме и појаки од пар добри нозе и убав задник.

Да не викаш. Да не си импулсивна и да мудруваш.

Да го оставиш да дише и да немаш претензии да престане да гледа што има надвор, а да направиш секој ден пак да те избира тебе.

Да не дозволиш да ти меша никој. Ни мајка, ни сестра, ни золва, ни свекрва.

Да не го оговараш со другарките, зашто понекогаш тоа што ќе го кажеш може да биде употребено против тебе.

Понекогаш ќе бидеш слаба и неволна. Ќе немаш желба ниту да го гледаш ниту да го допираш. Ама ќе треба да траеш, а ако потребно и да отвориш нозе против воља.

Не биди нетолерантна, тоа не носи ништо радосно. Нема да те збогати и нема да те направи поубава, нема да те порасне. А ако не пораснеш заедно со маж ти, сега немаш веќе со кого.

Сега си сама на свои нозе.

Ме нема мене со ласт минит кит за брза помош и ќе ја нема мама да те теши на сред ноќ.

Биди мека и нежна.

Биди мила и имај срце полно со благодарност за мажот што ти и само ти ќе го имаш.

Направи да се чувстувува посебен и кога не заслужува.

Учи од туѓи грешки, на пример, од моите. Изгради сандак со туѓи искуства и отворај го по потреба ако сама не знаеш како, ама изгради си и свој сандак со твои цаки зашто маж ти не маж на другарка ти или на мајка ти и со него ти ќе треба да знаеш како. Ти треба да бидеш најдобра.

Ти посакувам безрезервно да го сакаш и да го почитуваш сопругот што си го бираш.

Секој ден во помали и поголеми дози.

Изгради тврдина во која ќе можеш да ве заштитиш од сите невремиња, од сите искушенија, од досада, од падови и кризи. Изгради нешто големо што нема да биде лесно да го шитнеш за две пари. Изгради нешто на кое ти самата ќе му се восхитуваш.

Направи сè што можеш за да не паднеш во медиокритетство.

Бескрајно верувај. Безусловно давај.

Стискај заби и бори се, се додека немаш доказ за спротивното. Бори се до крај со сите средства што ги имаш, со тие што ќе треба да ги измислиш и со тие што уште не ти се располагање.

Ако треба да ти кажам нешто два пати ќе биде: почитувај и биди благодарна. Не го земај здраво за готово и никогаш не верувај дека го имаш цел и дека секогаш ќе го имаш. Бори се за него секој ден и почни од почеток секогаш кога ќе заглавиш во жива кал.

Не потценувај непријатели од никаков тип.

Набљудувај и реагирај пред да биде доцна.

Жали се, биди претенциозна, барај, буни се кога си во право, но не дозволувај јазот да стане голем зашто некогаш назад нема.

Истражувај, поддржи го, направи да порасне, биди му извор на идеи, дај му инспирација, дај му разбирање, патувај, откривај нови светови. Направи да ти биде единствениот и незаменлив сопатник за било кој пат, во било каква насока. Бидете си еден на друг КОНСОРТЕ. Тоа е прекрасен италијански збор - двајца кои ја делат истата судбина. Бидете консорти и кога животот нема благ вкус. И кога труе и кога смрди.

Сакај го во така како што решаваш да се омажиш. Во добро и во зло, во здравје и болест, во немаштија и во богатство.

Оди во линија на изборот што го правиш и не скршнувај. Не се колебај.

Ќе ти кажам нешто што за мене е секогаш правиот пат. Ќе ти го кажам истото што би му го кажала некому за било што, за еднократна ноќна авантура или за бркање на сон кој изгледа неостварлив. Ќе ти кажам што ме спасило во милион падови од различни аспекти. Тоа што направило често да одам против сите струи и против сите разумни знаци.

Верувај, имај срце што препукнува од верба.

Ти посакувам бесконечно да веруваш дека ова е вистински избор и пред сè дека нема и нема да има никогаш ниту еден подобар.

Ти посакувам ова да е вистина највистинскиот избор што си го направила, дур смртта не ве раздели. 

Те сакам бескрајно.

Eмили

emabela@yahoo.com

30 април 2015 - 17:09