Додека наголемо се шпекулира со имињата на потенцијалните Врховни команданти на Армијата на Република Македонија (значи луѓето кои може да им објават војна на Лесото и Андора, иако второво особено не го препорачувам, фудбалерите знаат зошто), веќе има конкретни ербапи кои си земаа бројче и чекаат да започне трката до Вила Водно.
Со бр. 2000 на дресот ќе настапи професорката Билјана Ванковска која во трката има за цел да ја победи сопствената недоверба во народот („не верувам дека ќе имам 2000 лајкови на статусот, но ако имам ќе се кандидирам"), да го брани понежниот пол и да види дали на народот Државата му е поважна од нејзиниот Дарио („најмногу лајкови сум добивала на сликите од мој Дарио, околу 500") вивнувајќи го знамето на непартиски определените, понудувајќи им партиско-далтонистичка опција: не препознаваме бои, слушаме идеи. Коректно дабоме.
Втор и троа поконкретен е Генерал Стојанче Ангелов кој веќе започна да собира 10.000 потписи потребни за кандидатура со легитимно прашање: кој би бил подобар врховен командант од еден Генерал. Ваљда не јас, од војска знам десет склека и го имам гледано „Hair" до пола. Генералот такоџе најави прекин на разговорите со Грција и преговорите со блудните ќерки на евро-атлантскиот солидарен дебилизам кој Македонија ја третира како кусурче, солидарно штитејќи го ПМС-от на едно свое јужнобалканско чедо. Коректно такоѓе.
И на овие избори во комбинаториките се спомнуваат имиња кои беа актуелни и на минатите претседателски олимписки игри: Стево Пендаровски изјави дека ниту една политичка партија сè уште не го исконтактирала околу можната кандидатура без да дава ишарети што за него би значела понуда од партијата на власт, опозициона партија или некоја сателитска дримбокс партија. Тука се и претставниците на буквата К од азбуката, Керим, Кекеновски и Кедев, како и актуелниот Ел Президенте Иванов. Во наредниот период пред разврската можеби ќе се појави уште некој спремен церемонијал мајстор или можеби уште некоја дама треф која ќе има кампања со мото „Шо па толку Ванковска?!".
Како год. Ова се избори на кои искрено им се радувам од неколку причини. Прво, ми недостигаат! Се кладам дека претседателските ќе се последните избори кои ќе влезат во предвремен циклус и дека наскоро ќе почнеме и градоначалници да бираме на две години, но претседателскиот мандат ќе си остане на своите цели пет години во кои шефот на државата ќе може да прави едно чудо ветени и неветени работи, разни ручеци и многу склекови.
За ветувањата нека се грижат кандидатите, јас сакам првенствено да им ја олеснам работата и да им разбијам досада во периодот на салонско функционирање и сликање со други државници, заменици државници и помошници на секретари на заменици на државници. Секундарно, сакам да ги мотивирам сите оние кои не размислувале воопшто за кариера во политика дека бивањето претседател на Македонија може да е многу забавна и полезна работа, се во име на демократијата и развојот на плуралистичка независна суверена Македонија.
Еве што, покрај оправањето на државата во слободно време и праќањето на новогодишни честитки до грчкиот колега со слика од тоалет со цврст одлучен шипак, може да работи идниот претседател на Македонија :
НЕШТО ДА ОРГАНИЗИРА
Било што. Фудбалски натпревар меѓу позиција и опозиција со судија од ЕУ, џез оркестар од заменици министри, макфест факфест (ЕУ парламентарен туризам), наградна игра „Соберете 20 казни од џандари: со казната во рака до решетки без квака", трансфер преоден рок во кој партиите ќе може да праќаат понуди до другите партии за пратеници (пример, ВМРО ДПМНЕ да испрати понуда за Шилегов во вредност од 2 милиони, 3 тендери и еден социјалист на позајмица) или пак Голем државотворен караоке натпревар во мешани двојки во „Борис Трајковски" на кој ќе се челичи меѓусебната почит меѓу политичарите со посебен ревијален дел на македонско-албански дуети (предлог песни: „Немир", „Ebony and Ivory").
ДА ИМ ПИШУВА СМС (ИЛИ НА ВАЈБЕР) НА ОБАМА, ПУТИН И КИМ ЏОНГ-УН
Значи, супер забава за Претседател е пишување на СМС пораки до лидерите на другите земји. Обама може да биде прозиван секоја недела со пораки од типот „Ела море еднаш кај нас, немат да те изејме", „Ај бе братче, како ми си? Ние сите арни, голем поздрав до Мишел и ќерќите, чувај ја Америка и ширете ја вистината за Македонија, тивко полека (намиг)". Забавно и стратешки: целта е да се изгради однос со САД каков што сме немале досега: ко братчиња. Ние ќе ѝ купуваме цигари, таа ќе не пази од големите батковци и други силеџии во вид на билмези.
На Севернокореецот може да му објавиме нуkлеарна војна и кога ќе одлучи да нè нападне, светот конечно да види дека располага со нуклеарни боеви глави и да го похапси тој зол лидер. Резултат: Нобелова награда за мир, што е поневкусно но поспектакуларно од Гинисов рекорд за изедени 5 тона грав во еден ден, активност која засега предничи во нашата стратегија за надворешната политика.
Пораките кон Путин би биле во насока на иницирање поголема заинтересираност од полубраќа Руси за нас и нашата економија, комбинираме нивно уживање со наш прогрес: „Влатче, пази значи, да дојш во Македонија да те носам во индустриска зона, да видиш баце каква милина е то, рај за душа, ќе се одмориш, таква тишина ни на гробишта немат, немат да ти се мрдат". Бонус СМС во 3 сабајле на Оланд: „Силвио Сенѓузел, Оландче бре калешо, изборно си изгор'о".
НА СОПРУГАТА ДА Ѝ СЕ ОБРАЌА ВО ТРЕТО ЛИЦЕ ЕДНИНА
„Почитувана госпоѓо прва дамо, Претседателот сака сендвич. Сендвич, да, претс... Ама добро, пополека госпоѓ... полека бре жено, остај го каишот, аааа, ААААААА!!!!!"
ДА СЕ МАСКИРА ВО ПРЕМИЕРОТ И ДА ОДИ ВО ЧАИР ПО ФИСКАЛНИ
Да си претседател на Македонија е особено досадно некаде пред мугрите. Одлична прилика да се маскираш во премиерот Груевски и да одиш во обиколка на 20 пекари и донерџилници во Чаир, да купиш 60 буреци, солени кифли, донери и други различни мераклуци кои се најважната неспоредлива работа на светот за сите добро подмачкани во 4 наутро. Но, бидејќи ќе личиш на премиерот, а тој не спие, никој нема да се посомнева во твојата емоционално-моторичка состојба.
Целта на оваа активност е да се соберат 60 фискални кои ќе се пратат во наградната игра под име на три хуманитарни организации кои би виделе фајде ако покрај тоа што си претседател имаш и среќа во животот, а купената храна во 7 наутро им ја делиш на просјаци на 3 семафори во Скопје на пат до работното место. Ем хуман им го правиш денот на 60 гладни, ем го стимулираш даночниот имунитет на Македонија со што ги даваш твоите пет денари во изградбата на земјата и нејзиниот брунејски дискурс.
ТАКА, А? ЕПА ВОЈНА!
Забава за цела држава. Значи, кога било кој од надворешните непријатели ќе ти пререче нешто, ќе откаже учество на самит, ќе не нарече ФИРОМ или Скопје или едноставно не ти е симпатичен бе, па тоа е тоа, не може со сила да натераш душа да ти го сака – објавуваш војна. Препорачливо е тоа да го соопштиш на Фејсбук или Твитер, околу 21:00 после турските серии на тв.
Пример: „Драги браќа и сестри Македонци, оргинал Македонски души големи, срца јуначки, чеда на Гоце, Даме, Александар гордос маќедонска, Ченто, Самуил и.... други, сакам да ви соопштам дека им објавуваме војна на Брегот на Слоновата Коска поради збунувачкото име. Долго време се мислев како да ги нарекуваме, Бреговичи ли, Слончиња ли и неможејќи да најдам разумно компромисно решение, се одлучив да ги окупираме и да ги крстиме како што сакаме, на пример Спасе па да ги викаме Спасени или Република Вопламен во чест на Крушево.“
Важното е што може бесконечно многу пати да објавуваш војни и да ги откажуваш планираните интервенции во таа и таа држава поради широкото ко планина срце наше Македонско 3 саати после објавата, и притоа да се облекуваш како Кастро и да пушиш пура на национална телевизија. Важно е да малку припазиш: рецимо, ако се начукаш и и објавиш војна на Германија, како да ти кажам...
ДА ЈА ОБОИШ ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА РЕЗИДЕНЦИЈА ВО КРЕМАВА ОСНОВА СО КАФЕАВИ ПЕГИ
Во чест на жирафата Орка за која имаше многу високо мислење. Така, ќе може да е нарекувана Куќата Орка, што асоцира на китот убиец Орка, каков што се крие длабоко во тебе ако некој посегне по најмилото на Македонија, ако некој посака да ни земе од нашето и... да и понуди американски пасош на Кики Ивановска. Неќе моќи. И да го ставиш ова во програма.
Нема на чему.
Предлог плус? Тука: @BatmanSaysT и betmenvelit@gmail.com