На моја страна: Јас сум ваше копиле

Какви неодговорни жители на Македонија сме, тоа е чудо. Во државава после празничната пауза продолжи револуцијата, а сите уште спијат на уши. Жив човек нема. Ту и тамо по некоја читателка да пише дека би сакала мој запис во нејзината колекција на љубовни писма, и толку. Па, во недостиг на писма на читатели кои можам да ги објавам, си измислив две. Знам дека нема да ви се допаднат, ама должност си е должност...

Писмо прво:

Добар ден Бетменчо. Како си, што има? Да ти кажам горд сум што живеам во земјата во која работите се добри или малку помалку добри, парното е топло или малку помалку топло, а струјата е меѓу најефтините во Европа. Вести редовно гледам, а чат-пат разлистувам весници за да одберам станови кои ќе им ги купам на неродените внуци и ја прегледувам курсната листа за да видам дали е подобро да продолжам да штедам во денари или доларот пркнал барем малку. Се има, се може. На крај на месец редовно ми останува вишок од потрошувачката кошничка па барам по улици дали има некои бездомници, да им дадам да пробаат беровски кавијар и кичевско мувлосано сирење. Ако налетам на такви, ми паѓа жал што се неуки, па ги упатувам да запишат еден или два факултети. Бесплатни се, а паметни сме како народ. Не значи дека ако е сиромав или бездомник, не може да биде Бетовен или Тесла или Срџан Ќерим! Го виде ли бе Срџан Македон на сликата со Папата Бенедикт XVI? Шампион човек. Пази, тврдам дека ако се кандидира за некоја државничка функција, 750.000 не му бегаат. Такви луѓе ни требаат. Мали сме, ама најпаметни па затоа не мразат сите останати и сакаат да не нема. Ама, мора да сме горди и да издржиме. Па се сеќаваш дека бевме империја и го покоривме целиот свет до Индија. Јебига, толкав бил светот тогаш, а и кој ќе се ашка до Хокаидо и Фиџи безвезе? И таа вистина треба да ја шириме. Батали ги овие комуњариве, лопужи, што кукаат и ти цимолат дека биле тепани и не знам ти што. Лажат тие цел еден живот. Како да не, некој ги тепал. Па видовме сите како Бранко се 'рваше со полицајците на барикади како Шабан Трстена и запали цигаре - шо не е ни спортски. Олош, сакаше да ја пропадне земјава и од дупка да го извие Луцифер па заедно да владеат, крвта да ни ја пијат пак како порано! И како урлаа во собрание, како да им вадеше душа некој, а не како да ги отстрани од седница најкултурно откако беа безобразни и сакаа да живееме во беда без буџет и да умреме од глад. Они нека умрат сеа, мамицата, со 30% од плата. Инаку, супер си, само напред и напиши нешто пак за цицки, многу ти е јако тоа како ги шибаш низ текст неусетно. Поздрав, од Небојша такозвани Аминта Војвода.

Писмо второ:

Почитуван господине Бетмен, што да ти кажам. До кога ќе се молчи да прашам? До кога ќе се трпи овој неживот? Па ова ги надмина сите граници и не ми е јасно како може да си дозволиш да не чувствуваш што чувствувам јас и 2 милиони Македонци и макар од саучешче да земеш учешче бидејќи овако биќе све чешче и чешче. Еве, веќе 3 недели како живееме во особено особена диктатура, најособена од сите 7-8 години како владее овој тоталитарен режим во кој не тераат да не бидеме на власт, избори по избори. Не знаеш какви пацери се. Пред секој изборен циклус, како шо е сега они се такви кретени шо као се грижат за пензионерите и им дигаат пензии, садат банани во секој град, се бањаат во работни денови! Ми глумат демократи, а само за Бранко зборат. Ма ужас. Се кладам дека ако сеа одиме пред Влада и фрламе со јајца ќе ни дојде обезбедување. ТОТАЛИТАРИЗАМ! УА! Па спомениците шо ги напраија со мои и твои пари, страчки да ги серат. И само едно мелат: Бранко, Бранко, Бранко. А народ НАС нè сака, само се плаши. Од кого? Од фашизоидната политика на вмровците. И Александар бил вмровец па ми го натопориле на плоштад да си лади постоље цело лето со наши пари, а вода за пиење немаат луѓево во земјава. Среќа шо немаат ни сол во очи од порано, инаку не знам што ќе правеа сега без вода. Ми трошат мои пари на кампањи, живеат од државна плата и не работат ништо по цел ден. Ама пркосни сме и ќе издржиме дури се вратиме на власт. Ако треба наместо половина час секој ден, по 40 минути ќе излегуваме на улица. Нема простор за дискусија, опстанокот на демократијата е во прашање. Нема простор за полемика; слободата на говор е со симнати гаќи и они ни го начукуваат секој ден. Откако ја киднапираа и Алфа, практицирам граѓанска непослушност така што телевизорот ми е пуштен на каналот каде што порано беше А1. Си шушти тој, си потплакувам јас, ко на Свети Никола. Мора да паднат господине Бетмен. Бидејќи народот е во право и кога греши шест пати по ред, демократија е и кога нема избори. Ако стоиш на страна си идиот, ако не се согласиш со мене, не си во право. Знаеш дека е така. Не ми одговарај на писмово бидејќи нема друга вистина освен онаа нашата. Со почит, Чеге Вара (ова ми е псевдоним, не се викам така туку Миле, ама знаеш што време дојде).

И ненормално, одговор:

Драги мои, ви благодарам што ми ги развивате психосоматските способности до ниво да почнам да размислувам како некој со биполарно благошизофрено мултипл-персоналити пореметување. Така станувам покомплексна личност. Ви благодарам што дел од мене кога стои пред продавачката во локалното гранапче осеќа потреба да каже „Тетка Жане, прво да кажам дека не сум симпатизер на ниту една партија. Може ли кило лимони и пилешка супа од подравка?" – тоа ја развива мојата учтивост. Неизмерно фала што толку се грижите за моето здравје. Едните бидејќи знаете што е најдобро за мене и сте спремни помала акциза од цигарите да печалите, само за да ме потсетите како им е на пингвините пред рестораните на Арктик, другите затоа што ми ја упростувате работата на мозокот и размислувате за мене, да не се мачам да анализирам информации во медиумскава помрачина, грижливо укажувајќи ми дека само една има вистина, има една Македонија, со вас на власт. Вака имам повеќе време за себе, учам дека здравјето нема цена и веројатно ќе живеам подолго. Првите затоа што уредно ме потсетувате дека за да ја оживееме државава која уште страда од нејзиниот единствен гробар, во матриксот доживеан како Гадафи, треба трето дете да храниме со мермер и бронза. Ми ја развивате креативноста. Вторите затоа што ме учите да верувам дека упорноста се исплатува од државен буџет. И првите и вторите затоа што пишувајќи го ова се подумав како може да биде сфатен случајниот избор кого ќе ословам со Прв, кого со Втор – така учам дека е важен редоследот на приоритетите во животот. Затоа што ми падна на памет и да ги бројам редовите во кои ги пишувам измислените писма, да бидат еднакви на број. Со ист број на запирки, прашалници и точки – јас се описменувам се повеќе и повеќе. Затоа што го негувате капацитетот за (одбери си еуфемизам за глупавост) кај народот, па го храните со празни веќе видени реторики и мижи асан да ти баам статистики. Тоа нè учи дека повторувањето е мајка на знаењето. Благодарен сум за сиот напор кој го правите грижејќи се за мене и моите интереси, иако сум ајван чедо, еретик, политички агностик кој не го заслужува вашиот труд. Ова ме потсетува дека љубовта е безусловна. Дури и ако ме доживувате како копиле. Најмили мои, јас сум ваше копиле. И во моментов ми е убаво тука, на мојата страна, подалеку од вас.

А бидејќи ме научивте дека секогаш има избор, ќе ви дадам и вам (и англиски научив бре ради вас...):

Love Your Son or Fuck Off.

 

betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT

12 јануари 2013 - 00:40