Транзициона

Во меѓувреме

Еве ме. Во 5 месеци се сретнуваме по трет пат затоа што постојано се думам и пишманам за што да ви пишам. Со оваа мисла заспав, се разбудив и решив дека ќе продолжам да ви раскажувам за моите денови на местата вредни за забележување и за луѓето кои ги сакам и заслужуваат да бидат споменати. За оние што не ги сакам нема ни да пишувам. Чуму да емитувам негатива или да метастазирам во уште едно претенциозно копиле што ќе труби дека ништо не чини? За сега, дур ја забришувам прашината на мојана "ново" црвена лента, во пар страници ќе се обидам да срочам пет месеци во Македонија по десет месеци во Америка.

Таму стана ваму. Планините ми грабнаа третина од видикот а влажноста на воздухот ме потсети дека Сонцето во Македонија мила некако порадосно свети и те клоца по газот за да те извади од дома, да те придружи и да го осветли секое ливче по патот.

Во меѓувреме, бев на гробишта во Битола, други во Велес, бев на Петровден и Илинден во Лабуништа, на Богородица во Лешок, на Гавазова во Могила, на плажа во Струга и Љубаништа, на бања во Катланово, на рипче во Трпејца, на молчење по врвови околу Маврово. На Свети Наум... Бев и во џамија за прв пат, на свадба во Топаана, дури и случајно завршив на Пирин на денот на независноста на Бугарија. Илјадници мириси, места, глетки и емоции во центрифуга кои, какви и да се, електризираат и укажуваат оти си жив и далеку од имун на среќата и јадовите, па до грч се трудиш првата да доминира.

Дома сум и тука се сите прекрасни луѓе без кои кули и градови немаат некоја посебна смисла. Тука сум и лумпувам. Аџамија што успева во најголемиот дел од времето да биде посакан и добредојден. Имам екипа од соништата што е бројлива на прсти и која се грижи за сечие добро на масата. Се слуша убава музика, се јаде добра храна и се пие скапоцен пијалак. Не се бара отповеќе и се добива многу. Знае да се скрчка добар ајвар, да се лоцира еликсир од ракија, да се танцува со часови и да се слави со врескање и кренати раце.

Раситнети души и злонамерни плашливци одбегнувам ко нинџа а самава кожа ми закоравела како кај рептил па сега емоции консумирам по строга селекција. Влезот за нив го отворам исклучително пред проверената банда и на места каде животинските се единствените звуци а светлината доаѓа само од небо.

Легнат на брашно, можам да ви кажам дека деновите убедливо ме потсетија и на правилникот за игра во Македонија мила. Ме потсетија и ропаците што турираат со автомобили баш кога ќе стапнеш на пешачки. Ме потсетија и пешаците кои бавно парадираат среде улици небаре се на татко им. Се сетив и дека сум роден и пораснат во земја каде за да бидеш уметник мора да си и службеник.

Бекап на видливиот оптимизам и редовна обработка на извесни тема и идеја кои ќе ги прочитате со задоволство. Тоа е агендата за иднината на оваа бавча чии плодови никако не смеат да се горчливи или кисели. Гневот и мачнината во фиока и 4 очи отворени во потрага по нешто за кое вреди да се пишува со мерак а кое задолжително се чита со насмевка.

На пример, низ страници и страници би ја обработил дилемата: што е посочно во Македонија мила? Доматот, жената или лубеницата? Или во зборови да ја врзам личната потрага по момата со вкус на шира. Може и новиов бавчаџија Бетмен, на пример, да го потсетам јавно дека вети полнет охридски крап. Не барам премногу комшија, само да биде крап и да биде охридски. Виното е од мене... па потоа може да ви раскажам дали сме стигнале до длабоконо.

Само да не ви се расплачам лутајќи по тема за која внатрешните органи ќе потврдат оти е вредна за обработка. Ајде, времето ќе си каже а просторот ќе го менуваме по ќеиф. За убаво, на здравје!

Заради физичката позиција на пишувачот, Т'га - та од југ како некаков допис од далечина веќе загуби смисла. Но и сега сме на југ а како што вели драгата Илина "југот е секогаш долу," со што да пишуваш под овој наслов не ретко дава причина за штракање по тастатурава. Значи скелето го реконструиравме и кренавме ново а на него ќе малтерисува истиот работник.

В.Л.Адо

lazoroskivladimir@gmail.com

@adoohoho

30 октомври 2012 - 15:02