Зошто е толку тешко да се најде украден точак?

Кражбите на велосипеди се еден од најслабо решаваните криминали во САД иако вредноста на украденото не е занемарлива и ФБИ ја проценува на 350 милиони долари годишно. Одговорот на полицијата зошто е тоа така е како во охридскиот виц за џуџињата: немат луѓе.

"Да бидам искрен, тоа едноставно не ѝ е приоритет на полицијата," изјавил офицер од Сан Франциско, задолжен за кражби на велосипеди. Полицијата тешко се решава да повлече луѓе од случаи на други кражби и убиства за да се гонат крадци на точаци. Дури и кога е така, обвинителството ретко ги гони до крај приведените.

Постојат две главни причини за тоа: кражбите на велосипеди тешко се откриваат бидејќи не постои никаква поврзаност на жртвата со ограбувачот а и кога ќе се фати лопов, тешко се докажува сопственоста бидејќи ретко кој чува потврда за купен велосипед.

Одредени извори проценуваат дека кражбите на велосипеди во Њујорк во последниов период пораснале за 25 проценти а постојат индиции дека самата полиција ги обесхрабрува оштетените да ги пријавуваат случаите за да може нивниот департмент да задржи високи проценти на решени случаи на криминал.

Украдените велосипеди најчесто се продаваат во други градови или онлајн продавници на други сојузни држави, цели или како делови. Се претпоставува дека добар дел од муштериите знаат или претпоставуваат дека купуваат украдена стока.

Најслабата алка во приказната се постојните решенија за врзување на велосипедите кои едноставно не функционираат. Огромен дел  од нив рутински се решаваат за 10-тина секунди а некои од квалитетитните се претешки и несоодветни. Оттука, не чуди популарноста на лесните велосипеди кои се склопуваат и се земаат со себе.

16 септември 2012 - 19:24