Валас Џ. Николс, научник и автор на книгата „Син ум: изненадувачката наука која ни покажува како тоа да живееш близу, во, на или под вода може да те направи посреќен, поздрав, поповрзан и подобар во она што го правиш“, освен што очигледно не штедел зборови во насловот, во неа тврди дека нашите мозоци кога се во близина на вода се шалтаат во друг начин на работа. Тој начин може да инспирира креативност, спиење, „лутање“ со умот, а сето ова е важно за здравјето, отпорноста и продуктивноста. Човекот кон водата отсекогаш има нешто што психолозите го нарекуваат „мека фасцинација“, која може да има обновувачки ефект врз расположението и здравјето.
Во студија објавена во 2016, научници од Нов Зеланд го истражувале влијанието на тн. „син простор“ врз намалувањето на психолошкиот стрес во голем ите градови. Податоците се собирани во Велингтон, урбана населба опкружено со Тасманското море и Пацификот. Во друго неодамнешно истражување германски тим заклучил дека не ви требаат ни океани ни мориња, туку се доволни и фонтани, езерца во парк и (чисти) канали за да ги искусите истите ефекти на смиреност и одмореност од погледот врз вода коишто, како што се тврди, се поголеми и во споредба со престој во шума или поглед на зеленило.
Луѓето природно се привлечени од живеалишта во близина на вода, како брегови и пристаништа, затоа што тие се извори на храна, и места за размена. Но и не само заради вакви практични причини - водата ни асоцира на живот, затоа што тој доаѓа од вода, и му треба вода за да се оддржи. Оттаму, на нејзината близина реагираме нагонски, како нешто до што сакаме да бидеме, како гаранција дека ќе останеме живи.
Во недостаток на големи водени пространства, некои урбани средини се обидуваат да надоместат со „сина инфраструктура“ (природна и вештачка водна околина) за да превенираат болести и да промовираат психички мир. Урбаните сини простори се места за собирање, мислење, релаксирање и деконтаминација. Дури и во голем град водата може да ни даде чувство на слобода и приватност. Секако, ако на неа, и на она околу неа, му е пружена соодветната грижа.