За прв пат овој век, смртноста кај децата ќе се зголеми

За прв пат после 25 години, се предвидува дека стапките на смртност кај децата од болести што може да се спречат ќе се зголемат. Претходните 25 години стапките постојано се намалуваа. Парите за глобалното здравје се драстично скратени а многу од побогатите земји сега имаат други приоритети, главно да се спремаат за војна и да праќаат деца да гинат.

Новата проценка доаѓа од модели создадени од Институтот за здравствени метрики и евалуација на Универзитетот во Вашингтон и беше објавена во извештајот „Голкиперс“ од Фондацијата Гејтс. Таа покажува дека дополнителни 200.000 деца под петгодишна возраст може да умрат оваа година од болест што модерната медицина може да ја спречи, со вакцини или со други третмани.

Смртните случаи може да се поврзат со голем број економски и политички фактори, од кои најважни се значителните намалувања на давањата за глобално здравство од најголемите донатори во светот, вклучувајќи ги и САД.

„Трагедија е што светот е побогат, а најсиромашните деца во светот умираат повеќе“, вели Гејтс во интервју за Тајм.

Една од неговите цели беше до половина на веков да ја преполови стапката на смртност кај децата, од сегашните 4,8 милиони деца под пет години кои умираат секоја година на под  2,5 милиони.

Но „не можете да преполовите нешто ако се зголемува“, вели тој.

Во изминатата година, најголемите донатори ги скусија парите за глобалното здравје за речиси 27%. Ако таквите намалувања продолжат или се прошират на 30%, до 2045 година дополнителни 16 милиони деца (или повеќе) ќе умрат од причини што можат да се спречат.

Во меѓувреме, многу побогати земји даваат приоритет на други области за финансирање, главно трошоците за одбрана. А не треба многу за да се направи разлика, за нив тоа би било помалку од 1% од буџетот, вели Гејтс. 

 

13 декември 2025 - 19:21