Во ЕУ со години се прска со пестицид со лажен извештај за безбедност

Земјоделско средство за уништување на габи пред две децении било одобрено од ЕУ како безбедно врз основа на погрешни заклучоци од истражување кое било спонзорирано од производителот. Дури сега, во студија спроведена со идентични методи, е потврдено дека фунгицидот може да предизвика трајни последици за развојот на мозокот.

Спорното средство е флуазинам - фунгицид со од класата вечни хемикалии (ПФАС), кој се користи за контрола на разни габични патогени во почвата на фармите за компири и овоштарниците со јаболка. 

Одобрение за користење во Европската Унија добил во 2008 година, по вообичениот процес на евалуација. Три години претходно, во студија спроведена од Huntingdon Life Sciences, во име на производителот ISK, било заклучено дека немало статистички значајни невротоксични ефекти врз лабораториски стаорци. Многу подоцна е разјаснето дека студијата не била официјално поднесена како доказен материјал во процесот на евалуација, туку била цитирана за да се негира токсичноста во понатамошните дискусии, без правилен увид во податоците.

Во нова студија, која сè уште не е рецензирана од колеги, истражувачи од Универзитетот во Стокхолм дојдоа до поинаков заклучок, иако користеле идентични сурови податоци и статистички модели. Тие тврдат дека изложеноста на флуазинам води кон сериозни и потенцијално доживотни последици врз тежината, обемот и морфометријата на мозокот.

Од суровите податоци и методите при оригиналното истражување во 2005 година не е возможно да се стигне до наведениот заклучок. Особено заклучоците што се однесуваат на мозоците кај возрасното потомство се целосно неразумни и не се поткрепени со резултатите, наведуваат истражувачите.

Д-р Ангелики Лисимаху од европската мрежа за акција против пестициди (PAN), вели дека оригиналната студија била скриена од регулаторните тела и не била соодветно проверена. Дури и кога стигнала до надлежните органи, биле занемарени предупредувачките знаци.

Со тоа биле прекршени законските обврски и научниот интегритет, што наложува итна истрага, целосна одговорност на виновните и итно повлекување на флуазинам од пазарот, вели Лисимаху.

Во 2024 година, само во Германија биле продадени 340 тони од фунгицидот. Производителите на флуазинам очекуваат продолжување на одобрението за користење во ЕУ. Во Британија е одобрен за употреба до 2029 година.

Сегашниот систем на ЕУ за одобрување на пестициди се потпира на конфликт на интереси, бидејќи производителот е одговорен за истражувањата за неговата безбедност, предупредува Кристина Руден, професорка по екотоксикологија на Универзитетот во Стокхолм и коавторка на студијата.

10 јули 2026 - 16:05