Во Англија денес се умира повеќе отколку во пандемијата

Пандемијата разбирливо донесе таканаречен вишок смрт (повеќе починати во споредба со  неколкугодишните просеци за одреден период). Меѓутоа, пандемијата заврши а вишокот остана. И тоа поголем отколку оној вишок кој го покоси ковидoт.  Експерти предупредуваат дека земјата се соочува со „катастрофа од иста пропорција на самата пандемија“.

Ескпертите бараат итна истрага за причините, при што бројките покажуваат дека минатата година во Англија и Велс имало повеќе вишок или неочекувани загуби отколку во 2021 година. Меѓу април 2022 и април 2023 имало 67.724 дополнителни смртни случаи, што е 12,8% над петгодишниот просек пред пандемијата. Од нив, четвртина му се припишуваат на ковид, а три четвртини од други причини.

Овој вишок е поголем и од бројот на прекумерни смртни случаи за време на пандемијата во 2021 година.

Тогаш имало 54.770 дополнителни -  главно ковид смртни случаи - во споредба со петгодишниот просек пред пандемијата - што е зголемување од 10,3%.

Експертите се збунети околу причината за вишокот смрт после пандемијата, кои во многу случаи се должат на срцеви проблеми или дијабетес. Некои ги обвинуваат долгорочните ефекти од одложената здравствена заштита поради карантините, други укажуваат на рекордните листи за чекање (види: Украинци бегаат од британското здравство). Некои го обвинуваат стареењето на населението, но, бројките покажуваат дека повеќето лански смртни случаи биле кај оние под 75 години, со помал од очекуваниот удел на деменцијата и Паркинсоновата болест.

Специјалисти за рак сè погласно алармираат поради задоцнетите дијагнози или третмани кои се претвораат во зголемена смртност. Велат дека земјата има работа со „темпирана бомба од рак“.

„Нивото на прекумерна смртност што го гледаме е катастрофа со  пропорција еднаква на пандемијата“, предупредува професорот Гордон Вишарт, хирург за рак на дојка.

23 мај 2023 - 14:17