Трамп го стeснува правото за итни абортуси

Администрацијата на претседателот Трамп ги поништи барањата до итните служби низ САД да им овозможат итни абортуси на жени на кои им е загрозено здравјето, дури и во сојузните држави што го забрануваат тоа. Политиката ја воведе поранешниот претседател Џо Бајден во 2022 година, веднаш откако Врховниот суд го поништи правото на абортус на национално ниво. 

Целта на администрацијата на Бајден беше да се овозможи абортус во итни случаи, при обилно крварење, ризик за губење органи или разни сериозни компликации. Се повика на Законот за итен медицински третман и бременост (ЕМТАЛА) од 1986 година, воведен за да се спречи практиката на болниците и клиниките да одбиваат да им дадат основна грижа за пациенти што не може да ја платат услугата.

ЕМТАЛА им налага на итните одделенија што се финансираат од програмата Медикер (практично на речиси сите итни служби во САД) да овозможат преглед и стабилизирачки третман на бремени жени на кои им е загрозено здравјето. Администрацијата на Трамп вчера објави дека повеќе нема да ја спроведува таа политика.

Конфузијата целосно ја зголеми Центарот за услугите Медикер и Медикејд, кој соопшти дека ЕМТАЛА ги штити сите пациенти, „вклучувајќи ги и бремените жените и неродените деца на кои сериозно им е загрозено здравјето“.

Алекса Колби-Молинас од Проектот за репродуктивни слободи ја оценува препораката како притисок врз лекарите во сојузните држави што забрануваат абортус да се поколебаат во кои случаи може да интервенираат, а во кои не.

Легално тоа не значи ништо. Обврската за давање итна грижа произлегува од федерален статут. Колку и да сакаат, претседателот Трамп и министерот за здравство Роберт Кенеди не можат со соопштение да избришат 40 години закон, реагира Колби-Молинас.

4 јуни 2025 - 16:10