Словачка во декември ќе прави тестови за ковид-19 на сите 5,5 милиони граѓани

Целта на тестот во декември е да се провери состојбата во земјата и дали владата може да ги олесни рестрикциите воведени заради пандемијата, изјавил премиерот Игор Матович.

Словачкиот премиер Игор Матович

Ова ќе биде втора рунда на тестови на национално ниво за земјата со популација од 5,5 милиони луѓе. Масовното тестирање се прави со тестовите за антитела кои чинат по 5 долари. Иако овој вид тестови е помалку точен отколку стандардниот ПЦР тест, резултатите од него се готови за 15 минути.

Во првата рунда тестирања од пред една седмица учествуваше над половина од популацијата на земјата. Тогаш тестирањето беше ограничено само на најтешко погодените региони, а 1,1% од сите тестирани беа заразени.

„Ја сопревме експлозијата на коронавирусот со тестирање, меѓутоа ако сакаме да имаме полесен живот со отворени ресторани и кино-сали, ќе мора да направиме уште еден подвиг.

Ќе има јавна дебата околу тоа дали патот кон повеќе слобода е национален карантин или уште едно масовно тестирање за неколку денови,“ изјавил словачкиот премиер.

Додека европските влади се потпираат на веќе испробаното ставање под клуч на цели држави, масовното тестирање се повеќе добива на популарност како евтин начин за изолирање на заразените а притоа да не се уништи економијата. Ова е по мерак и на Европската комисија, која ги поттикна земјите членки да спроведуваат масовно тестирање, притоа одвојувајќи 100 милиони евра за тестови.

Матович првиот план за масовно тестирање го спроведе и покрај противењето на медицинските експерти кои предлагаа затворање на најголемиот дел од економијата на земјата.

8 ноември 2020 - 02:53