Слабото срце го смалува мозокот

Опаѓањето на когнитивните функции и деменцијата кај возрасни луѓе е поврзана со намален волумен на мозокот, особено во делот кој е одговорен за меморијата. Студија открила неочекувана врска меѓу намалениот мозочен волумен и раните знаци на срцеви проблеми.

Луѓето кои имаат рани знаци на проблеми со срцето може да имаат и промени во здравјето на мозокот што можат да претставуваат рани знаци на деменција. 

Промените првенствено се однесуваат на губење на волуменот на мозокот, покажува  мета-анализа објавена во медицинското списание на Американската академија за неврологија.

Се анализирале седум студии од Европа и САД со вкупно 10.889 учесници со просечна возраст од 67 години. Студиите ги мереле раните знаци на срцеви проблеми, вклучувајќи систолна (кога левата комора на срцето не може нормално да се контрахира и ефикасно да пумпа крв) и дијастолна дисфункција (кога комората не се релаксира правилно помеѓу отчукувањата на срцето и се полни со крв). Студиите користеле и скенирање на мозокот со МРИ за мерење на волуменот на мозокот.

Луѓето со вакви проблеми имале помал вкупен волумен на мозокот, особено во хипокампусот на мозокот, која игра важна улога во меморијата. 

„Рано откривање на срцевите проблеми кај возрасни луѓе може да помогне во навестување на когнитивно опаѓање и навремено интервенирање“, се надеваат истражувачите.

 

30 март 2025 - 11:50