Скршеното срце почесто ги убива мажите

Стресот и емоционалната болка по раскинување на врска е тема на безброј песни, книги и филмови. Но, синдромот на скршено срце е медицински потврден како сериозна состојба по емоционален и физички стрес, со висока стапка на смртност од 6,5 % и од која страдаат се повеќе луѓе. Од синдромот почесто страдаат жените, но двојно повеќе е фатален за мажите.

Синдромот на скршено срце, со медицински термин „такоцубо кардиомиопатија“ (ТК), е слабеење на срцето предизвикано од физички или емоционален стрес. Обично ги погодува луѓето по емоционална траума, како смрт на партнерот или развод, објаснуваат кардиолози од Универзитетот во Аризона.

Не секој случај на ТК е предизвикан од раскинување на врска, но губењето на близок има повеќекратни последици за физичкото и ментално здравје, при што срцето често пати трпи најголем стрес.

Со истражувањето биле опфатени податоци на 199.890 пациенти во САД во периодот помеѓу 2016 и 2020 година. Инциденцата на синдромот благо се зголемувала низ периодот, што ги потврдува досегашните наоди дека синдромот на скршено срце се почесто ги погодува луѓето. Синдромот почесто се јавувал кај жените, но кај мажите имал двојно повеќе фатални последици – 11,2% наспроти 5%. Вкупната стапка на смртност била 6,5%.

Кардиологот Реза Мовахед смета дека причина за поголемата смртност кај мажите е тоа што се повеќе изложени на физички стрес, покрај емоционалниот. Потребни се дополнителни истражувања дали имаат улога разликите во рамнотежата на хормоните.

Компликациите што произлегуваат од ТК вклучуваат конгестивна срцева слабост (35,9% од пациентите), атријална фибрилација (20,7%), кардиоген шок (6,6%), мозочен удар (5,3%) и срцев удар (3,4%). Синдромот често се означува како срцев удар или болка во градите, поради сличноста на симптомите.

Постојаната висока стапка на смртност е алармантна, што сугерира дека треба се направат повеќе истражувања за подобар третман и изнаоѓање нови терапевтски пристапи за оваа состојба, вели Мовахед.

16 мај 2025 - 07:54