Што е со мутацијата на ковид-19 што ја блокираше Британија?

Соседите на Британија почнаа да се затвораат за патниците од островот, а на самиот остров е воведено ново повисоко ниво со построги мерки за изолација и дистанцирање за време на Божиќните празници, откако беше откриено дека таму се шири нова и позаразна варијанта на ковид-19.

Британските владини советници се прилично уверени дека новата варијанта е подобра во своето ширење отколку нејзините претходници.

Три главни причини за растечката загриженост околу британската верзија се:

- Таа рапидно ги заменува сите други верзии на вирусот.

- Има мутации кои влијаат на важни делови од вирусот.

- Дел од овие мутации во лабораториските истражувања покажале дека ја зголемуваат способноста на вирусот да ги зарази клетките.

Збирно, ова значи дека вирусот сега може полесно да се шири.

Утехата е дека нови варијанти на прва знаат да изгледаат посмртоносни затоа што се погодило да бидат „на право место во право време“ пример во Лондон каде до пред некоја недела имаше ниско ниво на мерки за рестрикција. Но за да не биде „мислевме...“ Британија сепак воведе 4-то ниво на рестрикции со цел да се спречи ширењето.

Оваа варијанта прв пат е регистрирана во септември, а во ноември една четвртина од новите случаи во Лондон се од нејзе. Борис Џонсон објави дека конкретната варијанта се пренесува за 70% повеќе од досегашните. Тоа што се уште не е познато е колку позаразна е британската мутација.

Веднаш активирајќи ја кинеската скрипта, Британците тврдат дека оваа верзија или се појавила кај пациент во Британија или пак била увезена од држава која нема капацитет да ги мониторира мутациите на ковид-19. Која и да е точна од овие верзии, се верува дека мутацијата настанала кај пациент кој имал премногу ослабен имунитетен систем што не можел да го порази вирусот, па неговото тело се претворило во средина за мутација на истиот.

Мутацијата ја има во цела Британија освен во делот кој природно не е дел од Британија - Северна Ирска.

Досегашните искуства покажуваат дека новата верзија не е посмртоносна од постојните, и дека вакцината (според тоа што до сега се знае) речиси сигурно ќе функционира и во овој случај.

21 декември 2020 - 11:49