Што да правиш со нервоза?

Дилемата е дали треба целата нервоза да ја потиснуваш во себе? Не. Тогаш, значи треба да ја истуриш својата нервоза? И тоа не. Работата е комплицирана, ама во основа треба да мешаш.

Кога е во прашање чир, ти ќе го добиеш него без разлика дали ќе фучиш низ канцеларија или ќе седиш и ќе крчкаш во тишина. Причината е дека нема никаков доказ дека издувувањето на нервозата ќе влијае некако на веројатноста да добиеш чир, бидејќи тој се појавува од други причини.

Што се однесува до срцевите заболувања, има различни студии со различни заклучоци. Во американска студија од 2000-та, се следат 13.000 пациенти во рок од неколку години. Резултатот е дека кај оние кои полесно избувнувале шансите за срцев удар биле 3 пати поголеми (дури и кога биле земени во предвид фактори како пушење, дијабетес и дебелина). Во студија на доктор од Универзитетот на Источен Лондон се доаѓа до слични резултати, дека луѓето кои го изразувале својот гнев страдале многу повеќе од срцеви заболувања отколку оние кои се воздржувале од викање.

Други студии покажуваат дека нема поврзаност меѓу нервозата и срцевите заболувања, или дека луѓето со висок притисок е поверојатно да го потиснуваат својот гнев.

Проблемот е што секоја студија има различни мерки за тоа што е срцево заболување и кога изразувањето на нервоза е изразување на нервоза.

Израелска докторка решава да мери не колку често луѓето се нервираат, туку колкав е интензитетот на нивниот гнев. Открива дека во однос на здравјето, најдобро што може да направат "е да станат многу нервозни и да го кажат својот став јасно и контролирано, меѓутоа ова само ретко да го прават."

Канадска студија која цела деценија следи околу 800 луѓе, открива дека оние кои конструктивно го изразуваат својот гнев (обидувајќи се да најдат начин како да направат нешто во врска со него) е помалку веројатно да развијат срцеви заболувања, отколку оние кои само викаат кога се нервозни. Кај жени, ова не направило никаква разлика.

"Па, што ни кажува сето ова? Сугерира дека потиснувањето на гневот не ни штети премногу, дека повремениот излив на нервоза веројатно е ОК и дека не е толку важно дали се нервираш, туку како и колку често го правиш тоа," пишува Клаудија Хамонд за БиБиСи.

 

31 јули 2014 - 16:58