Шефот на Ковакс: Нè утепавте со напнувањето за бустери

Ковакс системот за распределба на вакцини требаше да биде главен плејмејкер во глобалното справување со глобалниот непријател. Но богатите прописно го маргинализираа целиот тој систем: наголемо се зборува за трет, четврти или н-ти бустер, додека три ипол милијарди луѓе воопшто не се вакцинирани со што се остава отворена врата за многу поопасни варијанти.

Извршниот директор Ковакс предупреди дека фокусирањето на вакциналните бустер дози е „опасна грешка“.

Сет Баркли тоа го вели во време кога варијантата омикрон се шири исклучително брзо - дури и меѓу вакцинираните луѓе - и во моментов на многу места е доминантна варијанта (според ЦДЦ, 58,6% од денешните американски случаи се омикрон варијанти). Баркли вели дека и во ерата на омикрон, вакцини сè уште се најефективниот начин за заштита на луѓето, само што, не секој има пристап до нив.

Тој апелира глобален приоритет за 2022 година да биде примање на примарни дози за сите, а не бустери за оние кои се вакцинирани.

„Ако со секоја нова варијанта сакаме да го нормализираме животот со нудење бустери наместо да се справиме со основната причина - имајте на ум дека скоро 3,5 милијарди луѓе сè уште не се вакцинирани - тогаш би можеле да се соочиме со бесконечен циклус на оживувања на вирусот, оставајќи ја вратата отворена за поопасни варијанти.

Ако завршиме во ситуации да се соочуваме со Пи, Ро, Сигма или Тао варијанти, а на некои луѓе им се нудат четврта, петта или шеста бустер доза додека милијарди други сè уште чекаат на нивната прва, тогаш не треба да се чудиме зошто сè уште сме во состојба на глобална криза“, вели првиот човек на Ковакс.

1 јануари 2022 - 19:28