
Министерот Кенеди го повика Гави „да ја заработи повторно јавната доверба“ и да ги оправда 8-те милијарди долари што Америка ги обезбедила за програми за вакцинирања по 2001 година.
Функционерите во Гави мора да ја земат предвид најдобрата достапна наука, дури и кога таа е спротивна на воспоставените практики. Сè додека тоа не се случи, САД нема да придонесуваат во Гави, порача Кенеди преку видео-врска на состанокот на Гави во Брисел.
Групата објави дека на состанокот биле ветени најмалку 9 милијарди долари за следните пет години. Гави е јавно-приватно партнерство, во кое се вклучени Светската здравствена организација, УНИЦЕФ, Светската банка и Фондацијата Гејтс и Светската банка. Алијансата тврди дека спасила околу 18 милиони животи, преку програмата за рутински вакцинирања на повеќе од 1 милијарда деца. САД долго време се еден од нивните најголеми поддржувачи. Пред реизборот на Доналд Трамп, Америка вети 1 милијарда долари до 2030 година.
Кенеди, долгогодишен скептик за вакцините, рече дека тој и претседателот Доналд Трамп се загрижени за тоа како Гави и Светската здравствена организација за време на пандемијата на ковид-19 соработувале со социјалните платформи за да ги замолкнат спротивставените ставови во време кога многумина ја оспоруваа безбедноста на вакцините.
Кенеди рече дека Гави продолжува да дава „сомнителни препораки“, како што се советувањето на бремените жени да се вакцинираат против ковид-19 и воведувањето вакцина против дифтерија, тетанус и голема кашлица во посиромашните земји. Министерот притоа посочи на истражување што покажало повисока стапка на смртност кај девојчиња вакцинирани против ДиТеПер. Во опсервациските студии нема докази дека смртните случаи се предизвикани од вакцината.
Секоја одлука за купување вакцини е во согласност со препораките од експертската група за вакцини на СЗО. Вакцината против дифтерија, тетанус и голема кашлица имаше клучна улога за да се преполови смртноста кај децата, соопшти Гави.