Прекинете да трошите пари на суплементи

Што се однесува до експертите за јавно здравје, ним им останува уште да пробаат да одат од стан до стан и на секој човек посебно да му кажат да престане да троши пари на суплементи (витамини, мултивитамини и слично здравје во шишенце).

Прво, добар дел од овие суплементи не функционираат, што е повеќекратно докажано од повеќе студии, како тоа дека нема никаква корист од мултивитамините кај голем број болести. Слично е и со пробиотиците чија корист се смета дека постојано се преувеличува, додека кај антиоксидансите како бета каротин и витамин Е има случаи кога може и да бидат погубни.

Второ, заради лошите закони постои основана загриженост за квалитетот на суплементите. Производителите немаат никаква обврска да докажат дека нивните производи имаат ефект или дали воопшто се безбедни за пуштање во продажба.

Новинарите на Вокс анализираат владини бази, судски документи и научни студии, и откриваат дека над 850 производи содржат забранети и/или скриени состојки, "вклучувајќи забранети лекови, антидепресиви, и останати синтетички хемикалии што никогаш не биле тестирани на луѓе."

"Лекцијата е едноставна: Освен ако немаш конкретна медицинска состојба дијагностицирана од твојот доктор - како недостаток на витамини - престани да трошиш пари на овие производи," пишува Џулија Белуз во текстот за Вокс.

И покрај сето ова годишно на американскиот пазар се трошат 30 милијарди долари, а според Советот за одговорен нутриционизам речиси 70% од возрасните жители на САД користат прехранбени суплементи, а над 50% од овие луѓе ги користат редовно, "со други зборови десетици милиони Американци, во просек годишно трошат над 100 долари на овие производи".

Во студијата што ја прават Вокс, главни осомничени се природните суплементи кои треба да помогнат во слабеење, при вежбање или прават магии околу сексот. Од споменатите 800 и нешто, околу 431 биле за слабеење, на второ место се оние на тема секс, а на трето суплементите за мускули.

Дел од пилулите за слабеење содржеле потиснувачи на апетитот како сибутрамин, и покрај тоа што состојката заради безбедносни причини е забранета уште од 2010-та (зголемува крвен притисок и пулс, предизвикува заболување на коронарната артерија, срцеви проблеми, аритмија, удар, па дури и смрт).

Откриено е и дека истава група содржи антидепресиви како Прозак, или пак има скриени лаксативи како фенолфталеин кој е забранет заради зголемениот ризик од попречување на работата на срцето, и дека со долгорочно користење може да предизвика рак.

Редејќи слични пропусти кај производителите на суплементи, Џулија објаснува дека проблемите потекнуваат од тоа што:

"Суплементите се регулирани како храна, а не како лекови, заради што производителите во основа можат што сакаат да стават на нивните шишенца...

Во време кога гладот и недостатокот на витамини беа раширени, суплементите имаа некаква смисла. Меѓутоа денес еден од главните здравствени проблеми се дебелината и преухранетоста.

Па следниот пат кога ќе помислите на земање суплемент, сетете се дека моментално не постои начин да бидете сигурни што има во шишенцето. И покрај грандиозните ветувања, пилулите веројатно нема да ве направат ништо поздрави (освен ако немате медицински дијагностициран недостаток). А може дури и да ви наштетат."

Списокот на Вокс со сите суплементи што ги анализирале.

11 март 2016 - 13:24