По години константен раст на просечниот БМИ во САД, во „2023 нешто се менува“ и нивото на дебелост паѓа на 43,96% од 44,1 во 2022. Истражувачите објаснуваат дека иако е мал, сепак е значителен пад, а најголемата разлика се случува на југот од земјата, каде е издаден и најголем број рецепти за лекови како Оземпик.
Студијата, која освен Оземпик ги опфаќа и другите лекови од овој тип како Вегови, Мунџаро и Зепбауд, смета дека тие најверојатно почнале да ја движат „иглата“ во права насока. До заклучоците се доаѓа со споредба на електронските здравствени досиеја на Американците и нивните побарувања за надомест од здравственото осигурување.
Освен за самите пациенти ова е позитивен тренд и за американското здравство кое беше пред опасност да не може да го издржи притисокот што доаѓа од дебелите пациенти и константните здравствени проблеми што тие ги имаат.
Оземпик го постигнува овој успех и покрај високата цена што ја има и дефицитот од лекот заради големата побарувачка. Очекувањето на истражувачите е дека неговата учинковитост и корисност кон американското здравје ќе се подобри откако ќе се унапреди пристапноста на лекот.
Моментално државното здравствено осигурување на помалку од 20 американски сојузни држави ги опфаќа и лековите за слабеење.