Додека луѓе „се убиваат“ од лупење, цедење, гмечење и давање пари за разно-разни соковници, нова студија тврди дека пиењето на само 100 милилитри безалкохолен пијалок дневно, па дури и тоа да е „здрав“ 100%-тен овошен џус, го зголемува ризикот од рак.
Анализата извршена на повеќе од 100.000 возрасни лица на просечна возраст од 42 години, чии прехранбени навики биле следени од 2009-2017, открила прилично силни корелации помеѓу пијалокот богат со шеќери и ракот воопшто, а посебно со ракот на дојка, на простата и ракот на дебелото црево. Тоа секако не значи дека самите пијалаци предизвикуваат рак, туку дека кај голем број луѓе е статистички регистрирана зголемена склоност кон консумирање вакви пијалаци и истовремено присуство на рак (или негова појава во текот на истражуваниот период).
Додека претходни кампањи за јавно здравје се фокусираа главно на ризиците од газираните пијалоци, новите наоди објавени во Британското медицинско списание велат дека додека третина конзерва Кока кола или сличен пијалок е поврзан со 18% поголема шанса за некои ракови, а 22% за рак на дојка, истото важи и за таканаречените „природни“ и дополнително незасладени сокови, бидејќи и тие содржат големо количество шеќер. А тоа, според студијата, може да претставува закана не само по килограмите, туку и по здравјето воопшто.
Истражувањето е дел од поширока акција за испитување на врските помеѓу исхраната и здравјето на голема популација во Франција, но е прво кое изнаоѓа поврзаност помеѓу слатките пијалоци и ракот. Предвид се земени 97 пијалоци и 12 вештачки засладени пијачки, а помеѓу нив газирани, спортски пијалоци, сирупи и чисти овошни сокови. До сега во контекст на шанси за заболување од рак постојано беа спомнувани вештачки засладените пијалоци, но истражувањето не ја докажало ваквата врска кога се тие во прашање. Во испитување на примерокот, освен возраста и полот, предвид биле земени и голем број други елементи: количество внесени калории во текот на денот, внес на шеќери од други прехранбени извори освен од сокови, внес на овошје и зеленчук кој не е преработен во сок, физичка активност, пушење, семејна историја на рак, ниво на образование, претходни здравствени нарушувања и (за рак на дојка) претходни користења на хормонски терапии или на контрацептиви.
„Податоците ја поддржуваат релевантноста на постоечките прехранбени препораки за ограничување на потрошувачката на засладените пијалоци, ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ и 100%-те цедени сокови, како и економски мерки како оданочување и маркетинг ограничувања кои се однесуваат на засладените пијалоци“, напишале авторите во заклучокот.
Ние од денес сме на вода. И она другото кое се додава во неа за да се добие беванда.