Откриено е како вакцините за ковид удираат на срце

Ново истражување од Универзитетот Стенфорд објаснува како вакцините со мРНК во првите денови по инјектирањето може да предизвикаат претерано бурна реакција на имунолошкиот систем, која предизвикува воспаление на срцето (миокардитис) и на неговата обвивка (перикардитис). На овој ризик најмногу се изложени мажите помлади од 30 години.

Експертите од Стенфорд испитувале вакцини против ковид на Фајзер и на Модерна, но веруваат дека истиот проблем го предизвикуваат и другите вакцини со мРНК. Тие го покренуваат имунолошкиот систем да се концентрира на туѓата РНК од вакцината, па жестокиот одговор го оштетува срцето, а во многу ретки случаи може да има смртни последици.

Во првата недела по вакцинирањето ризикот од срцеви проблеми предизвикан од вакцината е поголем во споредба со ризикот од ковид, но ако се помине тој период, вакцинацијата долгорочно е побезбедна.

За студијата, научниците анализирале крв од пациенти кои биле вакцинирани против ковид-19, од кои некои развиле миокардитис. Споредувајќи ги оние кои ја развиле состојбата со другите биле забележано високо ниво на два сигнални протеини во крвта на оние со миокардитис. Тие функционираат како тим, зајакнувајќи го имунолошкиот систем и оштетувајќи го срцето.

Вакцината ја исполнува својата намена за предизвикување мемориски имунолошки одговор против идни инфекции. Сепак, во акутната фаза, вакцината може да предизвика ослободување на цитокини - имунолошки сигнални протеини – кои кај пациентите предизвикуваат треска или болки во мускулите и зглобовите. Симптомите обично се ублажуваат со ибупрофен, но реакцијата во многу ретки случаи може да предизвика миокардитис, вели Џозеф Ву, директор на Кардиоваскуларниот институт на Стенфорд.

Цитокините му се потребни на телото за да го одбранат од вирусите. Вакцините со мРНК носат пораки до клетките да создадат дел од патогенот, но во ретки случаи, можат да предизвикаат прекумерна реакција за потрага по туѓа ДНК или РНК, и да станат токсични.

Миокардитис предизвикан од вакцини се јавува кај околу 1 лице на 140.000 вакцинирани по првата доза и се зголемува на 1 на 32.000 по втората доза. Во период од еден до три дена по вакцинирањето, се јавуваат болка во градите, отежнато дишење, треска и прескокнувања во срцевиот ритам. Закрепнувањето е обично брзо, но во ретки случаи може да доведе до хоспитализација и смрт.

Првите случаи биле забележани во САД и во Израел, главно меѓу мажи помлади од 30 години, кај кои била потврдена највисока инциденца од 1 случај на 16.750 вакцинирани. Се претпоставува дека жените се подобро заштитени поради повисокото ниво на хормонот естроген.

Истражувањето може да помогне да се дизајнираат подобри и побезбедни вакцини, кои го задржуваат долгорочниот мемориски одговор, а во исто време го ублажуваат краткорочното ослободување цитокини, вели професорот Ву.

12 декември 2025 - 14:29