Ние ќе почекаме да падне на 5.000

Не морало 10.000 чекори, доволно биле 7.000

Науката ја скрати препорачаната километражата што секој човек би требало да ја препешачи на ден за да го одржува здравјето. Оние 10.000 чекори на кои нè тераат апликациите на телефоните се заокружена бројка извлечена од ракав, без докази. Науката вели: доволни се 7.000 чекори. Го преполовуваат ризикот од прерана смрт во споредба со 2.000. Битно е да се пешачи, кој колку може.

Нова и досега најсеопфатна метаанализа на истражувања за влијанието на пешачењето врз здравјето на човекот укажува дека идеалната полза се постигнува со 1 час одење, што би било еквивалентно на 7.000 чекори. Таа бројка е сумирана по преглед на 57 студии што опфатиле податоци за повеќе од 160.000 луѓе.

Анализата покажала дека ризикот од прерана смрт бил двојно понизок кај оние што секојдневно правеле по 7.000 чекори, во споредба со оние што правеле 2.000, односно пешачеле по 20-ина минути.

При оваа споредба, ризикот за развој на деменција се намалува за 38%, на депресија за 22% и на дијабетес за 14%. Кардиоваскуларните заболувања се намалени за 25%, а дури и 6% од оние што правеле по 7.000 чекори помалку страдале од рак.

Препораката за 10.000 чекори не беше поткрепена со докази. Најголемите придобивки се гледаат на 7.000 чекори. Придобивките за оние што пешачат повеќе не се значително изразени, објаснува докторката Мелоди Динг, главна авторка на студијата.

Десет илјади чекори се приближно осум километри, во зависност од должината на чекорот и брзината на одење. Како „идеална граница“ биле проценети „од ракав“ спроти Олимписките игри во Токио во 1964 година, во маркетиншката кампања за јапонскиот педометар манпо-кеи, што буквално значи „метар од 10.000 чекори“. Кампањата успеала и бројката се задржала како неофицијално упатство, кое и денес го препорачуваат современите трекери на мобилните апликации. Некои нè тераат на уште повеќе, без значителна полза.

Светската здравствена организација сè уште препорачува најмалку 150 минути умерена до енергична физичка активност неделно, но речиси една третина од светската популација не успева да ја исполни ни таа основна цел.

Се предупредува, сепак, дека неактивноста сериозно го зголемува ризикот за здравјето. Оние што правеле по 4.000 чекори биле многу поздрави од оние што пешачеле по 2.000.

Не треба да се откажувате. Оние што сега прават по 2.000 или по 3.000 чекори на ден, треба да се обидат да направат уште 1.000. Тоа е само 10 минути лесно одење во кое било време од денот, вели коавторот на студијата, Педи Демпси од Универзитетот Кембриџ.

Ендрју Скот од Универзитетот од Портсмут нагласува дека луѓето не треба да се преоптоваруваат со бројки, бидејќи благосостојбата не може едноставно да се квантифицира со број на чекори.

Најважно е да се излезе во природа и да се пешачи. Повеќе активности имаат поголема корист, вели Скот.

28 јули 2025 - 14:06