#НаТочак #ПротивДеменција

Редовни физички активности на отворено, пред сè возење точак или пешачење до работа, се поврзуваат со помал ризик од деменција и поздрав мозок. Студија со која биле опфатени навики на половина милион луѓе на долг период покажува дека активните начини на патување го зголемуваат волумен на хипокампусот, кој е клучен за когнитивната функција и подобра меморија.

Експерти од Кина и Австралија истражувале долгорочна поврзаност помеѓу вообичаените начин на патување на луѓето со структурата и здравјето на мозокот. Биле анализирани веќе достапни податоци на 479.723 луѓе во биомедицинска база на податоци на Biobank поврзани со животни навики и здравствената состојба.

Просечната почетна возраст на луѓето била 56,5 години. Ниту еден од нив немал знаци на деменција на почетокот на студијата и сите биле способни да се движат. Биле распоредени во групи, врз основа на вообичаениот начин на патување до работа. Речиси половина биле во категоријата „неактивни“, односно користеле автомобил или јавен превоз. Уште 37% патувале комбинирано (пешки и неактивен транспорт), 7% користеле велосипед, а 6% пешачеле.

Во текот на следните 13 години меѓу испитаниците биле регистрирани 8.845 случаи на деменција и 3.956 случаи на Алцхајмерова болест. Анализата на податоците покажала дека оние што возеле велосипед значително помалку развивале некоја од овие две болести во споредба со неактивните.

Возењето велосипед, самостојно или во комбинација со други форми на транспорт, исто така се поврзува со поголем волумен на хипокампусот - дел од мозокот кој игра важна улога во просторната меморија и во консолидирањето на краткорочната до долгорочна меморија. Тој е еден од првите мозочни региони што ги погодува Алцхајмеровата болест.

Хипокампусот е клучен за паметењето и когнитивната функција. Нашите наоди сугерираат дека активните начини на патување се поврзани со негов поголем волумен, што генерално се смета за знак за подобро здравје на мозокот, изјави Лијангкаи Чен од истражувачкиот тим во Вухан. 

Експертите додаваат дека возењето точак бара поголем когнитивен ангажман, го зголемува протокот на крв во мозокот и стимулира создавање невронски врски. Учесниците во групата со мешано одење, исто така, имале помал ризик од деменција од сите причини во споредба со оние во неактивната група.

Ползата била значително поголема кај лицата без варијантата на генот аполипопротеин Е ε4, која е присутна кај 15% од популацијата и која двојно или тројно го зголемува ризикот од Алцхајмерова болест.

12 јуни 2025 - 16:36