Најдоа нешто добро и од бракот

Блазе на ергените, ама оженетите имаат значително помала веројатност да развијат рак во текот на животот, покажува студија во која биле анализирани евиденции за 4 милиони луѓе во САД. Мажите кои никогаш не стапиле во брак имале 68% поголема веројатност да развијат рак во споредба со оженетите. Кај жените разликата е уште поголема – 85%.

За некои видови на рак, ризикот е уште поголем, се заклучува во студијата на експерти од Медицинскиот факултет „Милер“ при Универзитетот во Мајами. Неоженетите мажи имале пет пати поголем ризик од анален рак, а жените што не стапиле во брак имаат три пати поголема веројатност да развијат рак на грлото на матката.

Со истражувањето биле анализирани здравствени податоци на повеќе од 4 милиони пациенти од разни видови канцер во 12 американски сојузни држави во периодот од 2015 до 2022 година.

Иако врските помеѓу брачниот статус и ракот се статистички, а не причинско-последични, истражувачите издвојуваат некои фактори од начинот на живот што имаат влијание врз здравјето, како почестото менување сексуални партнери или поголема изложеност на хуман папилома вирус (ХПВ) кај неоженетите лица.

Највисока вкупна стапка на рак имале афроамериканските мажи кои никогаш не биле во брак, но кај оженетите стапката била пониска од белците.

Студијата укажува дека лекарите треба да го имаат предвид и брачниот статус при проценка на ризикот од рак.

Во заклучокот, авторите не го препорачуваат бракот како „превенција од рак“, туку предупредуваат дека неоженетите лица треба многу повнимателно да се грижат за своето здравје.

Ако не сте во брак, треба да обрнете дополнително внимание на факторите на ризик, да ги направите сите потребни прегледи и да бидете во тек со здравствената заштита, вели д-р Френк Пенедо, професор по психологија и медицина.

И животот надвор од брачна заедница има свои предности. Бракот, на пример, носи статистички повисок ризик од деменција.

Истражување од Универзитет на Флорида лани покажа дека лицата кои никогаш не стапиле во брак имале 40% помала веројатност да развијат деменција. Кај оние што останале вдовци, падот бил за 27%, а кај разведените 34%.

30 април 2026 - 12:50