На кој епидемиолог му верувате?

Некако поверувавме дека науката е толку егзактна што ќе ни даде објективни и недвосмислени насоки и упатства, па ние нема да требаме да се мачиме со морални дилеми, филозофски нијанси, погледи на свет и други субјективности. А еве нè денес во ситуaција да треба да бираме меѓу епидемиолози, како да бираме меѓу Битлси и Стонси.

Неодамнешните интервјуа на шведскиот епидемиолог Јохан Гисеге и на британскиот Нил Фергусон, најлапидарно би можеле да се кондензираат вака: Гисеке смета дека конечниот биланс на коронавирусот ќе биде во рангот на силен грип, најмногу двојно од тоа. И поважно, дека не може баш многу да се стори околу белјата, освен да се држи контрола на бројот на заболени во единица време, за да може да биде поднослив за здравствениот систем во една земја. Но, дека едноставно, треба да помине. „Тоа е како цунами кое моментално проаѓа низ Европа“, вели Гисеке.

Нил Фергусон пак, е многу попесимистичен и под критика дека неговите препораки Британија ја претвориле во кинески режим. Тој проценува дека олабавување на мерките макар за најмладите би воделе до 100.000 жртви до крајот на годината па советува да се подготвиме за долга битка во која дистанцата ќе биде новото нормално, и тоа можеби со години.

Еве ги интегрално:

Во теорија, ова би требало да биде сведено на чисто научни разлики кои ќе се расчистуваат со педантни бројки и мерења. Но дури и да е така, секогаш ќе остане место за по некоја контроверза, на пример како се броеле мртвите и слично.

Настрана метриките, кој повеќе ќе му поверува на Гисеке а кој повеќе на Фергусон ќе зависи од неговиот поглед на светот и животот, а тоа е комплексна комбинација од нечиј темперамент, искуство, политички и филозофски погледи, однос кон авторитетите.

Од социјалните мрежи често се добива таков впечаток дека ова е дебата меѓу доброто и злото. Често таа димензија ја форсираат оние кои се за радикални мерки, за карантини и казни па ќе речат дека оние другите се егоистични, не го ценат човечкиот живот и само сакаат да им е убаво.

„Подобро да не почнуваат со такви аргументи бидејќи така дебатата ќе ја изгубат“, вели Фреди Сајерс, уредникот на UnHeaрд кои ги правеа интервјуата што предизвикаа жестоки полемики.

Дури и Данска, која беше симбол на раното и строго затворање, сега ги олабавува мерките за најмладите, за да одат во школо, и никој не сече вени, затоа што постои консензус дека образованието е морално добро. Не може секое барање за олабавување на некоја мерка да се етикетира како довикување на смртта. Освен тоа, ефикасноста на некоја мерка и нејзиниот тајминг не може секогаш со 100‘%  прецизност да се измери. 

На пример кај нас, носењето маски долго беше обесхрабрувано како непотребно за сега да има парични казни за неносење. Некој сега може да праша, колку човечки животи ќе беа спасени ако казни за неносење маска беа воведени уште тогаш?

На политичарите се чини дека позицијата на Фергусон им е поблиска бидејќи им дава простор за акција и делување, „нешто да прават“ и така да ја задоволат јавноста која очекува да биде заштитена. Една од целите е „да се држи трансмисијата ниско“, но колку ниско? Во таа смисла, секое оддалечување од строгиот карантин се оценува како рискантно и погубно и нè оддалечува од успехот.

Но во „светот на Гисеке,“ тоа и не е успех туку предавање кое во крајна линија нè води во еден свет на бескрајна анксиозност. со некоја постојана закана над главите која повторно од нас ќе бара да се откажеме од сета човечност на животите - збиранки со семејствата и пријателите, верски обреди, детско играње, планирање на иднината, а во екстремна форма и кон држава на репресија „за наше добро.“ Луѓето кои се плашат од тоа, сигурно не се претставници на Злото.

Во ставот на Гисеке е вмрежена една филозофска перспектива: светот и животот се полни со опасности и закани и не можеме да ги сопреме заради тоа а луѓето да ги тераме постојано да бегаат од една во друга опасност. Младите треба да го прават тоа што младите го прават, а постарите немаат луксуз на екстра години кои им остануваат за да ги минат во карантини.

„Без разлика дали сте Фергусон или Гисеке, време е да престанете да се преправате дека нашата одговорност кон оваа закана е чисто научно прашање или пак лесна морална дилема меѓу правилното и неправилното. Се работи за прашањето во каков свет сакаме да живееме и по која цена?“, вели Сајерс.

Илија Дуковски од бостонската лабораторија на Даниел Сегре, кој предава биоинформатички пост-дипломски семинар на Универзитетот во Бостон додава:

„Науката (или барем квалитетната наука) никогаш ни не дава, или не би требало да дава завршни заклучоци за тоа што треба да се прави во ваква ситуација. Науката може да даде само модел, со неколку можни сценарија. Ако даде проценка на веројатностите за секое од тие сценарија, полна капа. Значи егзактноста се состои во проценката на веројатноста. Но, доколку нема податоци кои би поткрепиле дека еден исход е поверојатен од другиот, најдобро што може да се процени дека веројатностите се 50%-50%. И тоа би требало да ѝ се соопшти на јавноста. Дека одлуката мора да се изведе со фрлање на паричка. Но тоа е страшно. Како паричката на Хавиер Бардем во „No country for old men“. Од тука доаѓаат религијата и идеологиите. Само да не се дојде очи во очи со Хавиер“.

3 мај 2020 - 19:47