Млади, не пушат, здраво се хранат, а почесто имаат рак на бели дробови

Исхраната богата со овошје, зеленчук и интегрални житарки долго време се смета за темел на одржувањето на здравјето и намалувањето на ризикот од болести, вклучително и рак. Сепак, ново истражување покажува дека млади Американци кои здраво се хранат и не пушат имаат натпросечна веројатност да развијат рак на белите дробови.

Дури ни авторите на студијата - научниците од Универзитетот во Јужна Калифорнија (USC), немаат цврсто објаснување за неочекуваното откритие дека луѓето помлади од 50 години, кои никогаш не запалиле цигара и се хранат поздраво од просечните Американци, статистички се соочуваат со поголем ризик да развијат рак на белите дробови.

Експертите заклучуваат дека причината за ова е влијанието на други фактори, кои се поштетни од пушењето и ултрапреработената храна.

Овие навидум парадоксални наоди покренуваат важно прашање: Кои се непознатите фактори за ризик од животната средина?, вели главниот автор на студијата Хорхе Ниева - онколог и специјалист за рак на белите дробови на USC.

Тој смета дека проблемот не е во самите прехранбени производи, туку во остатоците од пестициди врз овошјето, зеленчукот и житарките од комерцијалните фарми. Овие намирници обично содржат повисока концентрација на пестициди отколку млечните производи, месото и ултрапреработената храна. Ова не важи за органското земјоделство.

Претходни истражувања покажале дека земјоделците кои се изложени на подолготрајно дејство на хемиски средства имаат повисок ризик од заболување на белите дробови.

Оваа студија не ги мерела директно нивоата на пестициди во храната што ја консумирале учесниците, туку проценките се базирале на претходно објавени податоци во врска со просечните остатоци од пестициди во одредени групи на храна. Следната фаза ќе вклучува мерење на концентрациите на пестициди во примероците од крв и урина на учесниците за да се утврди дали и кои специфични пестициди се посилно поврзани со ризикот од развој на рак на белите дробови.

Забележана е и аномалија со пушењето, кое традиционално се поврзува со рак на белите дробови кај повозрасните лица. Просечната возраст при дијагностицирање изнесува 71 година. Иако намалувањето на бројот на пушачи во последните децении доведе до пад на вкупниот број случаи во САД, кај лицата под 50 години кои не пушат се забележува спротивен тренд – особено кај жените.

Научниците анализирале податоци за 187 лица на кои им бил дијагностициран рак на белите дробови пред 50-тата година од животот. Поголемиот дел од испитаниците никогаш не пушеле. Нивната форма на рак на белите дробови е биолошки различна од онаа што се поврзува со цигарите.

Ова е важен чекор кон идентификување на фактори од животната средина врз кои може да се влијае, а кои би можеле да придонесат за појава на рак на белите дробови кај младите возрасни лица, заклучува Ниева.

17 јули 2026 - 16:37