Мајмунските сипаници добиваат ново име

Светската здравствена организација е во потрага по ново име на вирусот кој во последно време необично се шири по планетата. За разлика од мајмунските сипаници, новото име треба да биде недискриминирачко и нестигматизирачко. А кокошките по кои е наречено ноќното слепило, кој ги ебе, а?

Светската здравствена организација планира вонреден состанок откако нејзиниот прв човек предупреди на „невообичаената и загрижувачка“ епидемија на мајмунски сипаници ширум светот.

СЗО ќе разгледува дали е дојдено време ова проширување на сипаниците да биде прогласено за „вонредна состојба за јавното здравје од меѓународни размери“, како што беше ковид-19.

Организацијата вели дека работи и на изнаоѓање ново име за вирусот и болеста што ја предизвикува, откако научници побараа итно име кое ќе биде „недискриминаторско и нестигматизирачко“.

Во писмо објавено минатата недела, група научници оценија дека името мајмунски сипаници и референците за нивното африканско потекло се косат со упатствата на СЗО кои препорачуваат да не се користат географски имиња или имиња на животни.

Тие забележаа и дека иако новата зараза се случува главно во Европа и Северна Америка, за илустрирање на вестите во медиумите и натаму најмногу се користат фотографии од Африка.

Вирусот го доби името мајмунски сипаници затоа што првпат е забележан кај лабораториски мајмуни иако за негови главни преносители се сметаат глодарите.

Во секој случај, ЕУ нарача 110.000 вакцини против вирусот, како и да ќе се вика.

Едно од алтернативните имиња кое е во оптек е hMPXV, што 90% од луѓето нема да знаат да го изговорат.

15 јуни 2022 - 10:45