
Лабораториските глувци што ја примиле комбинацијата од лековите рапамицин и траметиниб не само што живееле подолго, туку и останале поздрави, имале помалку хронични воспаленија и подоцна им се појавиле знаци на рак.
Рапамицин и траметиниб се користат за третман на различни видови на рак. Рапамицин често се дава и за да се спречи отфрлање органи. За траметинибот е утврдено дека го продолжува животниот век на овошните мушички, но не се знае дали има таков ефект и кај животни поголеми од глувци.
Тим предводен од научници од Институтот Макс Планк во Германија истражувал како лековите дејствуваат посебно и заедно. Рапамицин го продолжил животниот век на глувците за 17 до 18%, а траметиниб за 7 до 16%. Кога се користеле заедно, на глувците им бил продолжен животниот век за 26% кај мажјаците и до 35% кај женките.
Коктелот го одложил растот на туморите на црниот дроб и слезината и ја намалил честотата на воспаленија на мозокот, бубрезите, слезината и мускулите. Третираните глувци биле поактивни на доцна возраст, имале помала телесна тежина и поиздржливо срце. Не биле забележани дополнителни несакани ефекти од комбинирањето на лековите надвор од оние што веќе се утврдени за секој од нив посебно.
Тестовите на луѓе за овој коктел би можеле да почнат релативно наскоро. Двата лека се веќе одобрени за употреба кај луѓе во САД и ЕУ. Рапамицин, според неодамнешна студија, може да ја зголеми за пет години плодноста на жените во перименопауза.
Авторите на студијата предупредуваат дека ова не значи дека луѓе може да испијат апчиња и да живеат по 130 години.
Иако не очекуваме слично продолжување на човечкиот животен век како што откривме кај глувците, се надеваме дека лековите што ги истражуваме би можеле да им помогнат на луѓето да останат здрави и без болести подолго време во доцните години, објаснува генетичарката Линда Патриџ.