Лажица пластика по глава на жител

Микропластиката на најразлични начини продира во човековото тело и најчесто се вгнездува во мозокот, повеќе отколку во другите органи. Загрижувачка е концентрацијата на честички од пластика во мозоците на луѓето со деменција. Не е доволно испитано како пластиката влијае врз здравјето, но се поврзува со мозочни и срцеви удари.

Научниците пронашле алармантни докази дека микропластиката не само што навлегува во мозокот, туку и предизвикува деменција и други нервни болести.

Човековиот мозок содржи отприлика лажица микропластика и нанопластика. Количества 3 до 5 пати повисоки се утврдени кај лица со дијагноза на деменција, објавија научници од Универзитетот во Отава.

Нивното истражување се надоврзува на заклучокот од студијата дека микропластиката и нанопластиката во човековото тело го „фаворизира“ мозокот во однос на другите органи.

Концентрациите во примероци од мозок на починати лица биле за 7 до 30 пати повисоки отколку во црниот дроб или бубрезите. Кај лицата со деменција количеството пластика во мозокот било уште поголемо, објави научен тим од Универзитетот во Њу Мексико.

Други нови истражувања покажуваат дека микропластиката влегува во телото преку пот, дека ја има во машките гениталии и дека се пренесува од бремена жена на плодот.

Особено вознемирувачки е драматичното зголемување на концентрацијата на микропластика во периодот од 2016 до 2024 година, вели Николас Фабијано од Одделението за психијатрија на Универзитетот во Отава.

Многу земји почнаа да ја ограничуваат употребата на пластиката, но европските земји и Јапонија се обвинети дека го „извезуваат“ својот пластичен отпад во Југоисточна Азија.

7 март 2025 - 09:07