Кварцањето е опасно како азбест, арсен и чад од цигари

Исончан, потемен тен кој често се перцепира како знак на здравје и привлечност а солариумот долго време се третираше како брз, контролиран и практичен начин да се стигне до тоа, или пак да се подготви кожата за летото. Но, потемниот тен е само знак дека кожата веќе претрпела отшетување. На тој начин кожата се брани и ништо друго. 

2009 година беше пресвртница во разбирањето на опасностите од вештачко сончање. Во тоа време, Меѓународната агенција за истражување на ракот, која работи под покровителство на СЗО, по детална анализа на повеќе од 20 студии, официјално ги класифицираше уредите за вештачко сончање како канцерогени од група 1.

Тоа е категоријата со највисока опасност, која вклучува супстанци и агенси за кои постојат неоспорни докази дека предизвикуваат рак кај луѓето. Солариумот е сместен во друштво на чадот од тутун, азбестот и арсенот.

Повеќето луѓе веруваат дека исончаната кожа е знак за добро здравје. Биологијата на кожата друго кажува. Исончаноста е одбранбен одговор на телото: кога ултравиолетовите зраци ја оштетуваат ДНК-та во клетките на кожата, клетки почнуваат брзо да го произведуваат пигментот меланин за да спречат понатамошно длабинско оштетување. Исончаноста е доказ дека кожата веќе претрпела штета.

Спомнатата меѓународна агенција проценува дека дури 83 проценти од сите случаи на меланом се директно поврзани со изложеност на УВ зрачење, природно или вештачко.

За разлика од сонцето, кое емитува мешавина од светлина, солариумот првенствено емитува високи дози на УВА зраци: тие екстремно продираат во подлабокиот слој на кожата. Ретко предизвикуваат моментално црвенило или видливи изгореници (тие првенствено се предизвикани од УВБ зраците), па човек добива лажно чувство на сигурност.

Но, предизвикуваат невидливо, но трајно оштетување на генетскиот материјал бидејќи е докажано дека ги прекинуваат генетските врски меѓу клетките.

 

21 август 2026 - 11:45