Објавувајќи во BMJ Public Health, авторите од Врије Универзитетот велат дека ваквите бројки се без преседан и покренуваат сериозна загриженост. Ги повикаа владите целосно да ги истражат основните причини за ваквата состојба, вклучително и можните штети од вакцините.
Тие потсетуваат дека и медицински работници и граѓани пријавиле сериозни проблеми и смртни случаи после вакцинацијата во различни официјални бази на податоци во западниот свет.
„За време на пандемијата, политичарите и медиумите секојдневно нагласуваа дека секоја смрт од ковид е важна и секој живот заслужува најголемо можно внимание. После пандемијата, би требало да важи истиот морал“.
Студијата покажала дека низ Европа, САД и Австралија, во екот на пандемијата во 2020 година имало повеќе од еден милион вишок смртни случаи, но и 1,2 милиони во 2021 година и 800.000 во 2022 година, после целосно спроведување на сите сугерирани мерки.
Досегашните сознанија предупредуваат дека несаканите ефекти поврзани со ковид вакцината вклучуваат исхемичен мозочен удар, акутен коронарен синдром и мозочно крварење, кардиоваскуларни заболувања, коагулација, хеморагии, гастроинтестинални проблеми и згрутчување на крвта.
Уште на почетокот на пандемијата и карантините беше јасно дека луѓето ќе имаат ограничен пристап до здравствена заштита за состојби кои не се ковид што доведе до одложување на дијагнозата и третманот на временски критични состојби како што се ракот, срцевите заболувања, дијабетесот и деменцијата и сето тоа учествува во вишокот смртни случаи.
Податоците од англиското здравство велат дека на 100.000 луѓе инциденцата на рак била 521 во годината пред карантините, а потоа паднала на 456 во 2020-2021 година, што укажува на тоа дека околу 45.000 случаи на рак биле пропуштени во првата пандемиска година.