Меѓу групите кои живеат под зголемен ризик да не куртулат од ковид ако го закачат, меѓу кои се оние со дијабетес, дебелите (не пишуваме обезни, па мајка јана) и други, лицата со Даунов синдром особено се истакнуваат.
Во случај на зараза, тие имаат 5 пати поголеми шанси да завршат во болница и 10 пати поголеми шанси да починат отколку што е случај со просекот на општата популација. Утврдено е тоа со една студија од октомври, сега потврдено и со понова студија.
Истражувачите се сомневаат дека она што овие луѓе ги прави поранливи за оваа болест се позадинските имунолошки абнормалности во комбинација со вишокот копии од клучните гени - луѓето со ДС имаат три копии од хромозомот 21 наместо вообичаените две.
На почетокот на декември, Велика Британија ја вклучи оваа група во приоритетната листа за вакцинирање, но околу 200.000 Американци кои живеат со овој синдром се надвор од списокот за рана имунизација.
Хромозомот 21 го енкодира ензимот кој бива киднапиран од вирусот за да влезе во клетките. Тој ензим ги расцепува шилците кои вирусот ги има на својата површина, повлекувајќи серија настани кои му овозможуваат на вирусот да ги освојува клетките на домаќинот.