Кој знаел дека во секоја клетка сме имале „златен рудник“ за антибиотици

Супербактериите што станале отпорни на сите познати антибиотици убиваат по повеќе од 1,27 милион луѓе секоја година. Нови антибиотици речиси и да нема. Израелски научници откриле дека во нашето тело сме имале арсенал против бактерии и штоф за природни антибиотици.

Откриен е нов дел од имунолошкиот систем што може да биде извор на потенцијални антибиотици.

Дел од телото во кој се рециклираат протеини има и способност да лачи разни видови хемикалии што убиваат бактерии, тврди израелски научен тим. Откритието помага подобро да разбереме на кои сè начини организмот се штити од инфекции.

Во главна улога се протеазомите, мали белковински комплекси што ги има во секоја клетка. Нивната главна улога е да ги ситнат и да ги рециклираат старите протеини за да може да се создадат нови.

При истражување било забележано дека протоазомите може да откријат кога клетката е инфицирана со бактерија. При таква ситуација малите погони за рециклирање си ја менуваат и структурата и намената. Ги трансформираат старите протеини во оружје што може да ја откине надворешната обвивка на бактериите и да ги убие.

Никој досега не знаел дека ова се случува. Откривме нов механизам на имунитет што ни овозможува да имаме одбрана против бактериска инфекција. Се случува во сите клетки низ целото тело и отвора можност за генерирање нова класа потенцијални природни антибиотици, вели професорот Јифат Мербл од Научниот институт Вајцман.

Природните антибиотици биле тестирани на лабораториски глувци со пневмонија и сепса. Резултатите можеле да се споредат со ефектите на потврдени антибиотици.

Клетките од кои лабораториски биле отстранети протоазоми полесно се инфицирале од бактерии како салмонела.

Повеќе од милион луѓе секоја година умираат како последица на инфекции од бактерии отпорни на антибиотици. Сепак нема доволно истражувања за развој на нови антибиотици.

Докторката Линдзи Едвардс, професорка по микробиологија на Кралскиот колеџ во Лондон го смета откритието на израелските научници за „златен рудник“.

Со години копавме почва (за да пронајдеме нови антибиотици). Лудо е што сме го имале тоа во себе, но не сме имале технологија за да откриеме вакви работи, вели професорката по микробиологија.

Потребно е време и испитувања за да се создадат антибиотици од нова класа, но професорката е убедена дека безбедносните проверки ќе бидат полесни, бидејќи лекот веќе е производ на човековото тело.

6 март 2025 - 11:25