Кенеди тргна во поход против флуорот во водата за пиење

Министерот за здравство на САД војува со вакцинирањето, смартфоните, бебешката храна, зејтинот, оземпикот, а веќе отвора нов фронт – против флуорот во водата. Флуорот штити од кариес, но во големи дози може да предизвика оштетувања на мозокот. Позагрозени од предозирање се луѓето што редовно ја одржуваат оралната хигиена, зашто и пастите за заби содржат флуор.

Министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди тргна на турнеја низ југозападните американски држави за да ги убеди да го забранат флуорот во водата за пиење. 

Нема смисла да го имаме (флуорот) во нашата вода. Јас сум многу горд што оваа сојузна држава е првата што го забрани и се надевам дека ќе има уште многу, изјави Кенеди во Јута.

Центрите за контрола и превенција на болести ја истакнуваат флуоризацијата на водата како едно од десетте најголеми достигнувања за јавното здравје на 20 век. Флуорот во мали количества е присутен во почвата, растенијата и водата, но се додава во водата за пиење и во пастите за заби поради својството да ги уништува бактериите што лачат киселини и така ги нагризуваат забите.

Многу истражувања со децении наназад потврдиле дека флуорот во водата за пиење значително го намалува кариесот кај децата и возрасните. Додавањето мали и безбедни дози во водата е особено полезно за заедниците што немаат редовен пристап до стоматолози, вели докторката Шерил Пецуло.

Гренд Репидс во Мичиген во 1945 година бил првиот град што почнал да ја флуоризира водата. По една деценија, кариесот кај децата во градот се намалил за 60 до 65%. Денес 60% од водата за пиење низ САД е флуоризирана.

Некои заедници сега се откажуваат од процесот, откако истражувања покажаа дека флуорот во повисоки дози остава траги врз мозокот и е причина за побавен развој на децата. Сериозни студии сугерираат дека прекумерната изложеност на флуор - на ниво двапати над препораката од федералната влада - може да им наштети на доенчињата.

Научната границата е поставена на 1,5 милиграм на литар, што е двојно повисоко од нивото во водата во САД. Скептиците укажуваат дека и пастите за заби содржат флуор, со што значително се зголемува количеството што го примаат луѓето.

Дебатата за флуоризација почна во педесеттите години, кога се проширија и теории на заговор дека тогашниот новитет е комунистички план за да предизвика оштетување на мозокот кај граѓаните од капиталистичките земји.

Флуоризацијата на водата е вообичаена само за САД, Канада, Австралија, Чиле и Ирска, каде што опфаќа повеќе од 50% од домаќинствата. Повеќето европски земји одбиваат да додаваат флуор во водата. Од вкупно 750 милиони луѓе, само околу 15 милиони имаат пристап до вода со додаден флуор – најмногу во Британија (5,8 милиони), во Ирска (4,8 милиони), во Шпанија (4,25 милиони) и во Србија (300.000).

9 април 2025 - 11:01