Израелското министерство за здравство соопшти дека Фајзер не нуди исто ниво на заштита од ковид-19, сега кога делта-сојот станува доминантен.
Во мај, кога во Израел доминираше алфа варијантата на вирусот, вакцината беше ефикасна 95,3% во спречување зараза. Но, најновите податоци велат дека ефикасноста на истата вакцина е падната на 64%, во услови кога делта-сојот е доминантен.
Досега различни студии околу ефикасноста на вакцините со делта -сојот доаѓаа до различни заклуоци. Англиска студија објавена во мај заклучи дека Фајзер е 88% ефикасна во заштита од симптоматско заболување од ковид од делта, помалку од 93% колку што е ефикасна против алфа варијантата. Шкотска студија објавена во јуни велеше дека Фајзер против делта е ефикасна 79% наспроти 92% против алфа, а канадска студија објавена деновиве утврди 87% заштита од делта.
Она што е добро е што во сите студии, како и во последното соопштение од Израел, се вели дека вакцината останува ефикасна во поглед на жестоки и опасни облици на болеста во преку 93 посто од случаите, дури и кога се работи за делта-сојот.