Од Универзитетот Џон Хопкинс појаснуваат дека според бројките од април 2020, не повеќе од 2 до 4 проценти од популацијата на која било држава во светот е заразена со САРС-КОВ-2.
Дури и во жаришта како Њујорк кои се најтешко погодени од вирусот, бројката се движи некаде меѓу 15 и 21 процент. За да го постигне ова ниво на изложеност, повеќе од 17.500 од 8,4 милиони жители на Њујорк (градот) починаа од вирусот, и ова се смета за конзервативна бројка.
За да се постигне имунитет на стадо (групен имунитет) потребно е 70 проценти или повеќе да бидат имуни на болеста. Во американски статистики тоа значи дека (во време без вакцина за болеста) над 200 милиони Американци треба да се заразат за да се постигне оваа граница.
„Или поинаку кажано, ако во САД продолжи сегашната стапка на ширење на пандемијата на ковид-19 - со над 25.000 потврдени случаи на ден - ќе бидеме длабоко во 2021 пред да постигнеме имунитет на стадо. Но ако продолжи сегашната стапка на смртност, до тогаш повеќе од половина милион Американци ќе бидат мртви од ковид-19,“ порачуваат од Одделот за епидемиологија од Џон Хопкинс Универзитетот.