
Со истражувањето спроведено од експерти од институтот МИТ и највисоките здравствени власти на Флорида биле опфатени вкупно 1,4 милион луѓе – една половина биле вакцинирани со најмалку две дози од Фајзер, а другата со најмалку две од Модерна во период од декември 2020 до август 2021 година.
Биле анализирани резултатите на лица од двете групи од иста категорија, врз основа на седум критериуми (возраста, полот, расата, етничката припадност, местото на вакцинирање, месецот и местото на живеење), како и стапката на смртност една година по вакцинирањето.
Утврдено е дека на 100.000 лица што примиле Фајзер (BNT162b2) починале 847, во споредба со 618 смртни случаи на 100.000 во групата што примиле вакцина на Модерна (mRNA-1273).
Имало изразена разлика од 40% до 50% кога се споредувала смртноста од кардиоваскуларни причини и од ковид.
Дали докторот ви кажал дека е поголем ризикот да починете ако примите Фајзер наместо Модерна: Тоа го откривме на Флорида, а и други студии покажаа слични резултати, објави на Икс докторот Џозеф Ладапо, првиот човек на здравството на Флорида и коавтор на студијата.
Ладапо и професорот Ретсеф Леви од МИТ и порано повикувале да запре имунизацијата за ковид-19 со вакцини од Фајзер и Модерна. Тие укажуваат на претходна студија од 2023 година, со заклучок дека ниту една од овие вакцини немала влијание врз стапката на смртност од сите причини: повеќе луѓе биле заштитени од смрт од ковид, но речиси исто толку повеќе луѓе починале од срцеви болести.
Новиот труд се уште не е рецензиран од независни експерти. Критичари укажуваат дека не била споредувана стапката на смртност помеѓу вакцинирани и невакцинирани луѓе.
Други, пак, укажуваат дека морталитетот кај вакцинираните со Фајзер е речиси идентичен со вкупната стапка на смртност на Флорида во 2021 година (833 починати на 100.000 жители).