Моментално во Германија важи правилото 2Г, што значи 2 дози вакцина се неопходни за влез во најголемиот дел од погоре споменатите јавни простори. Сега намерата е да се воведе 2Г+ правилото кое ја крева границата на минимум 3 дози вакцина.
Правилата се следни:
- Вакцинираните со три дози може слободно да влегуваат со покажување на картончето за вакцини.
- Вакцинираните со само две дози ќе треба исто така да го покажат картончето, плус ќе треба да имаат направено тазе ковид тест пред секое влегување, а истото важи и за оние што неодамна „прележале“ ковид.
- Невакцинираните не можат ни да припарат.
Новите правила веќе се договорени меѓу канцеларот Олаф Шулц и лидерите на германските сојузни држави, а Шулц објаснува дека правилата се строги ама неопходни „за да ни помогнат побрзо да напредуваме“ во борбата против омикрон „или тој долго време ќе биде со нас.“
Претходно некои од фирмите имаа право да го воведат ова правило, меѓутоа од сега 2Г+ ќе биде задолжително за сите, со исклучок на Саксонија-Анхалт, затоа што, како што објаснува премиерот, таму се уште доминира делта варијантата.
Првата процена е дека новите правила ќе стапат на сила на 15 јануари.
Паралелно со ова, како би се одржале во функција клучните владини и приватни сервиси, ќе се намали рокот на траење на карантинот во земјата. По ново секој што бил заразен или во контакт со заразен ќе може да излезе од карантин по 10 дена доколку нема никакви симптоми, или по 7 дена ако даде негативен тест.
Тие што имаат примено бустер повеќе нема да мора да влегуваат во карантин доколку биле во близок контакт со заразено лице.
До сега речиси 42% од Германците имаат примено бустер, а 71,6% се вакцинирани со втора доза.