Изложување на сонце се смета за опасност и ризик по здравјето најмалку четири децении. Главниот злосторник е ултравиолетовата (УВ) светлина, која доаѓа во комплет со видливото зрачење. Ова може да ги зголеми шансите за рак на кожата - чиј број на дијагнози се зголемува - и да доведе до брчки, предвремено стареење и сл. Како резултат на тоа, повеќето развиени земји со децении препорачуваа во жешкото да се заштити кожата со крема за сончање со УВ филтер.
Ризиците од изложеност на УВ се реални, но ново истражување фрла светлина на придобивките. Според студија објавена неодамна во Health and Place, зголемената изложеност на УВ доведува до намалување на шансите да се умре од кардиоваскуларни болести и од рак.
Патем, ризикот од смрт од меланом (рак на кожата) значително не се менува со изложеност на УВ. Претходно имало и други студии за здравствените придобивки, но оваа е досега најголемата и покажува директна корелација помеѓу изложеност на УВ и подолг животен век.
Биле користени податоци на над 360.000 луѓе од Обединетото Кралство и освен навиките, биле разгледувани и нивоата на витамин Д кој се синтетизира во кожата во присуство на одредени форми на УВ зрачење, што е сигурен показател за сончевата изложеност. Пред крајната анализа биле корегирани останатите фактори како возраста, полот, пушењето, социо-економскиот статус, физичката активност...
Се покажало дека оние што седат/лежат на сонце имаат 23% помали шанси да умрат од кардиоваскуларни болести и 14% помали шанси да умрат од рак, отколку оние кои бегаат од сонце.
Слични трендови има и во однос на местото на живеење. Некој што живее на посончевиот југ на Британија, во просек би бил изложен на 25% повеќе сончево зрачење отколку некој што живее во Глазгов или Единбург, многу подалеку на север. Ова се преведува во 19% помал ризик од смрт од кардиоваскуларни болести и 12% помал ризик од смрт од рак.
За 15 години, оваа изложеност носи во просек екстра 48 дена живот.
Точниот механизам со кој УВ светлината може да го продолжи животот е непознат. Авторите веруваат дека дел од приказната е способноста на витаминот Д да го зајакне имунолошкиот систем и да го подобри здравјето на коските а исто така укажуваат и на азотниот оксид, моќен во проширување на крвните садови и намалување на ризикот од кардиоваскуларни болести.