Докторка крие студија за блокатори на пубертет, затоа што не и е по мерак

Раководителката на една долгорочна студија за блокатори на пубертет признава дека резултатите покажале дека оваа терапија не го подобрува менталното здравје кај децата на кои им се дава, ама тоа не се објавува заради страв дека истите овие резултати ќе бидат злоупотребени од противниците на оваа мерка.

Проблемот на докторката и активистка за транс-права, Џоана Олсон-Кенеди, е дека резултатите од студијата не само што ќе бидат „злоупотребени“ од критичарите на транс-терапија за деца, туку и дека истата би можела да се искористи на суд како аргумент „против користењето на блокатори за пубертет“.

Критичарите, вклучително и колеги на Олсон-Кенеди од студијата, порачуваат дека оваа одлука е спротивна на сите истражувачки стандарди и дека ја лишува јавноста од навистина важни научни откритија. Плус, студијата е финансирана со 10 милиони долари пари на даночните обврзници.

Во студијата, во 2015 на 95 деца со просечна возраст од 11 години им била дадена терапија за блокирање на пубертетот, која меѓу другото го спречува развивањето на некои од клучните обележја кај момчињата (продлабочување на гласот) и девојчињата (градите). Две години подоцна, проверките кај истите овие деца покажале дека терапијата не го подобрила нивното ментално здравје.

Студијата на Олсон-Кенеди се надоврзува на една претходна холандска студија која заклучува дека блокерите ја подобруваат добробитта кај децата што мислат дека имаат проблем со полот во кој се родени. Холандските заклучоци подоцна се користат од клиниките низ светот и како основа за препишување на овие лекови на децата со вакви проблеми.

Проблем е што студијата на Олсон-Кенеди не стигнува до истиот заклучок, напротив, во крајните резултати кај Американците, блокаторите не доведуваат до подобрување на менталното здравје, што докторката го припишува на тоа дека децата и пред почетокот на студијата биле психички добри, па лековите немале што да подобрат.

Ваквото алиби што Олсон-Кенеди пробува да го протне е спротивно на претходниот опис на децата од почетокот од студијата, во кој, лично докторката и нејзините колеги, забележуваат дека „една четвртина од адолесцентите се или депресивни или суицидни“ пред почетокот на терапијата.

Олсон-Кенеди е еден од најгласните поборници за давање блокатори на пубертет на адолесценти и до сега служела како сведок експерт во голем број судски спорови околу забраните на оваа терапија во некои од сојузните држави.

30 октомври 2024 - 13:14