Научниците ќе се согласат дека носењето маска е корисно за запирање на заразените луѓе да го шират коронавирусот но, наспроти сè поширокиот контекст за кој тие се препорачуваат или наметнуваат, во таа заедница и денес не постои недвомислена согласност колку тие ги штитат оние кои ги носат.
Данска студија спроведена во првиот бран на пандемијата открива дека маската не нуди заштита за оној кој ја носи, барем не онолкава каква што се очекувало. Во студијата учествувале 6.000 лица поделени во две групи, да бидат со или без маска кога излегуваат надвор од дома. Разликата во заразените е разочарувачки мала: 1,8% се заразиле од оние кои носеле маска, наспроти 2,1% кои шетале без маски. Таа разлика е толкава што не може да се донесе мериторен заклучок дека маските сериозно штитат.
„Студијата не може да го потврди очекуваното преполовувување на ризикот од зараза за оној кој носи маска; резултатите сугерираат дека заштитата е умерена и се движи меѓу 15% и 20%,“ се вели во објавата на студијата.
Некои забележуваат дека мора да се земе во обзир фактот дека студијата била спроведена во април и мај, кога во Данска имаше помалку заразени од есенскиот бран, но сепак, и тогаш земјата беше во локдаун.