
Ако министерот Кенеди ја избрише вакцината за ковид од препорачаниот распоред за имунизација од Центарот за превенција и контрола на болести (ЦДЦ), тоа нема да значи дека ќе биде забранета за да се употребува кај деца. Промената би отворила битка на министерот со Центарот, кој пред само три години ја додаде вакцината за ковид на листата за имунизација, по совет од независно тело на експерти.
Кенеди е решен да ги спроведува реформите што ги најави во кампањата „Да ја направиме Америка повторно здрава“. Тој одамна се залагаше вакцината против ковид да се отфрли од задолжителниот распоред, бидејќи тврди дека била вклучена меѓу најраните имунизации на децата врз основа на минимални научни докази. Тој наведува истражувања што укажуваат дека е мала веројатноста дека деца може да тешко да се разболат ако се заразат со ковид. Како аргумент го спомнува и тоа што повеќето европски земји повеќе не препорачуваат дополнителни годишни дози за млади здрави луѓе.
Министерот тврди дека независните панели што го советуваат ЦДЦ и другите агенции за вакцините, се под влијание од фармацевтската индустрија, наспроти јасните насоки за спречување конфликт на интереси.
Во таа насока е и однесувањето на родителите, кои сè поретко решаваат да ги вакцинираат своите деца против ковид. Нови податоци од ЦДЦ покажуваат дека само 13% од децата примиле вакцина против ковид согласно листата за имунизација. Откако претседателот Доналд Трамп во февруари потпиша извршна наредба со која се закани дека ќе им ја укине федералната помош на училиштата што инсистираат на вакцината, таа беше забранета од 22 сојузни држави.