„Мислам дека овој тип на одредување цена е во согласност со нејзината вредност,“ ќе одговори ЦЕО-то на Модерна, Стефан Бансел, на прашањето околу 400-процентното поскапување.
И сегашната цена од 26 долари по доза е поскапена и важи за јулскиот договор на Модерна со американската влада. Претходно Модерна им ја продаваше вакцината на САД за 15 до 16 долари по доза.
Промената со која Модерна ја оправдува цената е дека американската влада повеќе нема на ангро да купува вакцини и бесплатно да ги дели, туку тие ќе бидат комерцијално достапни низ земјата, кој сака да купи од аптека. По ваквата одлука на владата, аналитичарите проценуваа дека Фајзер ќе ја крене цената од 30 на околу 50 долари по доза, и дека отприлика во ист ранг ќе се движат малопродажните цени и на вакцините од другите брендови.
Откако Фајзер објави дека планира вакцината да ја продава по цена од 110 до 130 долари, излезе дека аналитичарите го погодија само вториот дел од равенката, односно дека другите производители ќе ја следат ценовната стратегија на Фајзер.
Објавата на новите цени на Модерна следува еден ден откако компанијата соопшти дека во 2022 продала ковид вакцини во вредност од 18,4 милијарди долари. Тие исто така пресметале дека во 2023 очекуваат минимум 5 милијарди долари од продажба на ковид вакцини.