Три четвртини од барањата за евтаназија во Холандија биле од лица на возраст над 70 години, но имало и еден случај на евтаназија на малолетно лице, покажува извештајот на регионалниот комитет РТЕ.
Повеќе од 85% страдале од физички болести како рак, нарушувања на нервниот систем и белодробни или кардиоваскуларни заболувања. Имало 499 случаи извршени кај пациенти со деменција и 11 случаи на пациенти што останале без никакви животни способности. Покрај тоа, 475 случаи вклучувале комбинација на повеќе болести, поврзани со возраста.
Бројот на оние кои избрале да умрат со еутаназија поради ментални болести се намалил за речиси една петтина (174 случаи), а 278 луѓе се решиле на еутаназија поради „други причини“.
Застапниците за живот тврдат дека „други причини“ честопати вклучуваат себични човечки интереси, како што се притискање или емоционално манипулирање на постар роднина од страна на членови на семејството да се подложи на еутаназија со цел побрзо да се добие наследство. Во овие случаи, тврдат активистите, еутаназијата често се спроведува дури и кога не може да се оправда.
Издвоени се седум случаи во кои лекарите не ги почитувале во целост стандардите за грижа за пациенти. Овие лекари се под истрага.
Неодамна во Шпанија 25-годишната Ноелија Кастиљо Рамос почина со еутаназија и покрај тоа што родителите водеа двегодишна правна битка за животот на нивната ќерка. Иако пресудата на Уставниот суд во Мадрид наведува дека еутаназијата не може да се користи во случаи каде што изворот на страдање е ментална болест, бидејќи „државата има должност да ги заштити овие лица од ризикот од самоубиство“, на Кастиљо Рамос ѝ било дозволено да се подложи на еутаназија.

Овој случај го истакнува неуспехот на законот за еутаназија, бидејќи олеснува самоубиство без лицето да добие претходен третман за ментално здравје. Третманот му дава шанса на пациентот да се опорави и да има исполнет и среќен живот, тврди организацијата Христијански адвокати, која ги застапуваше родителите во правната битка.
Група холандски експерти од областа на детската психијатрија неодамна укажаа на потребата да се биде особено внимателен кога станува збор за случаи на млади лица под 25 години кои бараат еутаназија поради психолошко страдање. Нивното истражување сугерира дека способностите за донесување одлуки на луѓе од оваа возраст може да бидат под влијание на развојот на мозокот и голем број надворешни влијанија.
Состојбата на лицата под 25 години е помалку веројатно да се смета за трајна отколку онаа на постарите. Тие исто така се повеќе изложени на социјален притисок и влијанија преку интернет, што може да предизвика значителна штета и да ги наведе да донесат компулсивна и кратковида одлука, наведуваат експертите.
Шпанските католички бискупи во посебна реакција предупредија дека еутаназијата и асистираното самоубиство не се медицински дејствија претставени како „одговор на човечкото страдање“, туку намерно укинување на грижа, што е пораз за општеството.
Достоинството на човекот не зависи од здравствената состојба, субјективна перцепција за животот или степенот на автономија, туку е суштинска вредност што мора да се препознае, заштити и помогне во сите околности, укажаа бискупите. Поради ова, одговорот на човечкото страдање никогаш не може да биде предизвикување смрт, туку нудење блискост, придружба, соодветна грижа и сеопфатна поддршка.