4-ти јули, денот на американската победа над ковид-19

Бајден објави план за борба против пандемијата кој предвидува дека САД на Денот на независноста ќе може да ја „обележи независноста“ од ковид-19, што би значело до тогаш да бидат вакцинирани сите над 320 милиони Американци.

Првиот клучен дел од планот е комплетната популација на САД да бидат на список за вакцинирање до први мај. Моментален приоритет за вакцинирање се луѓето според возраст и здравствена состојба.

Новиот американски претседател, планот го објави точно на една година од денот кога вирусот беше прогласен за глобална пандемија.

До сега од ковид-19 умреа над половина милион Американци - што е повеќе од вкупниот број на загинати Американци во Првата, Втората и Виетнамската војна, заедно. САД неспоредливо имаат најголем број на жртви од ковид-19 во светот.

Планот на Бајден за масовно вакцинирање предвидува драстично зголемување на бројот на места каде ќе може да се вакцинира, плус воведување мобилни единици, а предвидено е и на ветеринари и стоматолози да им биде дозволено да вакцинираат.

Првичното ветување на Бајден беше дека 100 милиони Американци ќе бидат вакцинирани од неговиот 100-ти ден како Претседател. Сега го помести датумот, и објави дека тоа ќе биде завршено до 60-от ден, кој се паѓа на 20 март.

Минатиот месец, Бајден во едно свое обраќање изјави дека се надева дека животот ќе се врати на „нормала“ некаде до Божиќ 2021. Оваа рамка беше прифатена како „разумна“ од страна на др. Фаучи, главниот епидемиолог на САД.

12 март 2021 - 12:20