Во пандемијава ќе одгледаме готвачки

Товарот на пандемијата паѓа главно врз девојчињата и девојките. Двојно повеќе отколку машките на нивна возраст тие велат дека заради пандемијата, чистат по дома и готват за фамилијата многу повеќе отколку порано.

Девојки на возраст од 14 до 24 години велат дека го обавуваат најголемиот дел од домашните работи поради што имаат помалку време да се посветат на образованието и сопствениот развој.

Истражување покажува дека 66% од девојките повеќе време минуваат готвејќи додека на истата тема, зголемено присуство во кујната има само кај 31% од момчињата.

Девојчињата и девојките во голема мерка времето го минуваат чистејќи (69 проценти, кај машките е 58%), пазарејќи (женски 52%, машки 49%) и грижејќи се за членовите на семејството (28%- 16%), покажува истражување на Theirworld.

„Овие извештаи укажуваат дека пандемијата би можела да ја врати рамноправноста на жената едно десет години“, вели нивната директорка Сара Браун укажувајќи дека кога девојчиња ќе забават со своето образование, стануваат полесна мета за наметнување на традиционалните улоги.

Така што, следниот осми март, не е лошо постарите да се сетат дека токму помладите допрва ќе ги водат своите битки.

9 март 2021 - 13:31