Во Италија отвориле школо за еден ученик

Замаени со евроинтеграции и толкување сигнали од Брисел, ние годинава како првпат да забележавме дека училниците ни се празнат. Додека не се „стекнат“ (дали е можно баш таков глуп збор да се избере?) со братче или сестриче, тие што останале заслужуваат полно внимание. Италија дава пример дека образованието е основно право и за децата од најизолирани места.

Шестгодишната Ајша, која живее во рибарската населба Џиностра на италијанскиот остров Стромболи, ќе има цела училница само за себе кога ќе почне наставата на 10 септември.

Оваа населба на подножјето на еден од најактивните европски вулкани крај северниот брег на Сицилија е толку изолирана што жителите ја нарекуваат „остров во остров“. За време на брановито море, заедницата останува отсечена од надворешниот свет, бидејќи не пловат бродови и нема патишта што го поврзуваат со остатокот од Стромболи. 

Селото некогаш имало свое основно училиште, но тоа било затворено пред две децении, откако бројот на жители се намалил на 40-ина. Сега, локалните власти се согласија повторно да го отворат за Ајша, за да не мора да патува секој ден до училиште на Липари, најголемиот остров во Еолскиот архипелаг.

Родителите, Моника Абате и Рафа Базин, предупредија дека во таков случај би биле принудени да се иселат. Сега велат дека ќе останат и дека нивната ќерка е среќна, иако ќе нема соученици.

Го сакаме ова мало катче на рајот – природата, морето, па дури и вулканот над нашите домови. Не сакаме да мораме да си заминеме. Ајша се дружи со врсници кои овде престојуваат со месеци. Научи неколку зборови на германски од децата на соседите што доаѓаат на одмор во Џиностра. Таа е среќно дете, изјави нејзиниот татко.

Новото училиште, кое ќе има само една училница, ќе се отвори на 10 септември во зграда во сопственост на локалната парохија на Католичката црква.

Отворањето на училиштето е знак на солидарност за оваа изолирана заедница. Образованието треба да биде основно право, дури и за луѓето што живеат во оддалечени области, изјави Рикардо Гуло, градоначалникот на Џиностра.

Aјша е редок, но не е и единствениот пример на ученик со „сопствено“ училиште. Арон Андерсон, кој сега има околу 20 години, беше единствениот ученик во најоддалеченото училиште во Британија, на малиот шкотски остров Аут Скерис со 70 жители, околу 620 километри северно од Едибург. Најблискиот град е Лервик, главниот град на Шетландските Острови, оддалечен 2,5 часа со траект.

Локалните власти плаќаа 75.357 фунти годишно за неговото образование – двојно повеќе од цената за школување на дете во престижниот интернат Итон.

3 септември 2026 - 15:29