Одделението за моторни возила (DMV) на Калифорнија ја предупреди Тесла дека ќе ги суспендира на 30 дена сите лиценци за продажба на нејзините коли затоа што со описот на напредниот систем за помош (ADAS) ги доведува возачите во заблуда. Создава лажен впечаток дека системот е способен за целосно автономно управување до крајната дестинација, иако му е потребно активно надгледување од возачот.
Калифорнија има нулта толеранција за лажно рекламирање што ја загрозува безбедноста. Кога компаниите даваат лажни тврдења за можностите на возилата, тие загрозуваат животи и државата ќе ги смета за одговорни, изјави директорот на DMV, Стив Гордон.
Тесла пред седум години воведе две функции со кои привлече купувачи - Темпомат свесен за сообраќајот (TACC), кој ја прилагодува брзината кон условите; и Автоматско насочување, кој ги задржува колите во лентата за движење. Од 2021 година Тесла во своите маркетиншки материјали истакнуваше дека ADAS може целосно да го преземе од возачот управувањето со автомобилот.
Системот е дизајниран да може да спроведува кратки и долги патувања без никаква акција од лицето зад воланот, пишуваше на веб-страницата.
DMV во 2023 година покрена истрага за лажно рекламирање. По две години влечење по институции, во ноември 2025 година на Тесла ѝ беше наметнат рок од 60 дена да го реши проблемот.

Компанијата ги отстрани термините „автопилот“ и „автономно управување“ и ја предефинира функцијата во „целосно самостојно возење (надгледувано)“ за да разјасни дека возачите сè уште треба да го надгледуваат процесот на возење. DMV ги поздрави промените.
Директорот Илон Маск додаде дека оваа функција нема повеќе да биде вградена во колите произведени по 14 февруари. На возачите ќе им биде понудена како надградба, со месечна претплата од 99 долари.
Одлуката против автопилотот загрозува еден од условите што Маск треба да го исполни за да го добие пакетот од 1.000 милијарди долари од инвеститорите во неговите компании – Тесла да има 10 милиони платени претплати за целосно самостојно возење.